Соборот на СПЦ треба официјално да ја потврди одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на автономната Охридска архиепископија наместо досега непризнаenata т.н. Македонската православна црква (МПЦ). Така, конечно, 55 години по расколот, треба да се случи помирувањето со црквата во Северна Македонија, објави попладнево српски „Курир“ повикувајќи се на неофицијачни извори од СПЦ.

– Српската црква ќе го признае единството со сегашните расколници во Северна Македонија во рамките на Охридската архиепископија. Сакаше да го направи тоа сама, но намерно беше спречена од вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој сакаше да испадне дека оваа одлука за канонско признавање на свештенството на поранешната расколничка црква во Северна Македонија е донесена исклучиво благодарение на него. И точно е дека хиерархијата на СПЦ, на чело со патријархот Порфириј, била подготвена да договори црковна заедница со расколниците, за што директно и индиректно се зборувало во неколку наврати во претходниот период, па дури и на почетокот на мај, кога во Ниш се сретнаа патријархот Порфириј и архиепископот Стефан, придружувани од архиереите на двете цркви – вели за српски Курир извор од СПЦ и додава:

– Признавањето од СПЦ ќе значи и дека ќе има сериозни кадровски промени во рамките на Православната Охридска Архиепископија (ПАО). ПАО беше автономна архиепископија во Северна Македонија, признаена од вселенскиот патријарх Вартоломеј и сите помесни цркви, а на литургијата требаше да го споменат само српскиот патријарх, како и сите други архиепископи и патријарси во православниот свет. Сега ПАО практично ќе ја преземе сегашната расколничка хиерархија во Северна Македонија на чело со претходниот расколнички архиепископ Стефан и ќе се вика Охридска архиепископија. А поранешниот архиепископ на ПАО, Јован (Вранишковски), меѓу другото ќе се пензионира и поради тешката здравствена состојба, за што придонесе долгогодишниот прогон од страна на македонските власти, вклучително и повеќегодишните затворски казни, пишува српски „Курир“.

Според изворот на српски „Курир“, другите тројца владици Марко, Давид и Јоаким, кои биле најблиски соработници на Вранишковски, ќе добијат управа на еден од манастирите во Северна Македонија, па ќе го задржат епископскиот чин или ќе добијат епархии во рамките на Охридска архиепископија.

Нема употреба на терминот македонски

Патријархот Вартоломеј на 9 мај објави дека Светиот синод на Вселенската патријаршија ја признал Црквата на Северна Македонија на чело со Архиепископот Стефан за канонска и валидна во целиот православен свет и со неа се воспоставува канонско и литургиско единство.

– Константинопол го признава името Охридска архиепископија, што значи дека областа на нејзина јурисдикција е само во границите на Северна Македонија, а употребата на терминот „македонски“ е исклучена, како и какви било други изведеници на тој термин, пишува српски „Курир“.