Патничкиот воз кој од Скопје тргнал во 14.30 часот накај Битола сѐ уште не е стигнат, а како што дознаваме причина за запрениот сообраќај е расипан товарен воз во близина на село Слепче кој е останат на пругата, објави порталот Плусинфо.

Како што дознаваме возот е запрен во Богомила, бидејќи во Слепче има расипан товарен воз, поради кој е блокирана пругата и патничкиот воз не може да помине, па затоа патниците се заглавени со часови на железничката станица.

Патниците на социјалните мрежи споделуваат дека никој не ги известува за што точно станува збор, како што велат одвреме навреме кондуктерот им велел дека можеби до полноќ или во утринските часови возот ќе пристигне на својата дестинација. Тие додаваат дека од страна на Македонски железници не им бил организиран каков било превоз, па тие се оставени да чекаат со часови да се ослободи пругата.

Помошна локомотива е тргната во 19 часот од Скопје за да го турне расипаниот воз во Слепче, па потоа да може патничкиот да продолжи.

Во патничкиот се возат околу 120 патници, неофицијално дознаваме од Македонски Железници.

Ова не е прв случај патници да бидат заглавени со часови токму на оваа релација Скопје-Битола, пред речиси една година исто така тој доцнеше повеќе од 8 часа, но не стигна до Битола, туку последна станица беше Прилеп.