Внук од брат на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, уапсен е во средата поради поседување на дрога, дознава „НетПрес“.

Даниел Герасимовски (21) бил приведен на улицата „Ленинова“ во Скопје, со 100 грама марихуана и вага за мерење.

Во полицискиот билтен од 12 јануари, има информација за настанот:

„На 11.01.2023 во заедничка координирана акција на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје, по преземени оперативни мерки и активности, на подрачјето на Центар е лишен од слобода Д.Г.(21) од Скопје. При претрес извршен со судска наредба во помошни простории од зграда, кои ги користел, биле пронајдени и одземени дигитална вага и пакување со марихуана.

Лицето е приведено во Полициска станица, а до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје ќе биде поднесена кривична пријава за извршено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик.

Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со засилените мерки и активности за спречување на недозволената трговија и продажба на наркотични дроги на територијата на целата држава“.