Само два дена пред срцевиот застој, од чии последици почина денеска во болница, Лиза Мари Присли се појави на 80. доделување на наградите Златен глобус во Лос Анџелес и прошета по црвениот тепих.

Ќерката на Елвис Присли и поранешната сопруга на Мајкл Џексон, на доделувањето на наградата што се одржа во вторникот на 10 јануари, изгледала кревко, а во еден момент побарала помош од пријател, пишува „Пејџ сикс“.

Филмот „Elvis“ беше награден на Златните глобуси, а Лиза Мари дала и интервју на црвениот тепих. Она што сега го проучуваат светските медиуми се очигледните знаци на слабост кои 54-годишната Лиза ги покажала пред камерите во вторникот вечерта.

Пред новинарите дошла во придружба на нејзиниот пријател, односно пријател на нејзиниот татко, Џери Шилинг, а во еден момент му се обратила на 80-годишникот бидејќи ѝ требала помош. „Ќе те фатам за рака“, му рекла додека новинарот ѝ поставувал прашања.

Било очигледно дека Лиза Мари зборува побавно од вообичаено за време на интервјуто и дека изгледа малку „кревко“. Се чинело како едвај дa ги држи очите отворени, а во говорот малку мрморела додека одговарала на прашањата за ѕвездата на филмот, Остин Батлер.

– Изгледа толку слабо. Се гледа дека срцето ѝ е скршено – коментирал корисник под интервјуто на Лиза, мислејќи на фактот дека не може да ја прежали смртта на нејзиниот син Бенџамин во 2020 година.

– Погледнете како го фати Џери за рака. Мислам дека таа не е добро, се молам за неа – додал друг.

Трет заклучил дека изгледа кревко, но и како да има сѐ под контрола.

Лиза во интервјуто одговорила дека го обожава Остин Батлер и дека е воодушевена откако го видела неговата глума во филмот, која на крајот на вечерта му донесе награда Златен глобус. Лиза открила дека ѝ биле потребни пет дена да ја процесира глумата на Батлер бидејќи била точна и автентична.

Мајката и ќерката, Присила и Лиза седеле заедно на масата на Златните глобуси, облечени во црни модни комбинации. На доделувањето на наградите во Лос Анџелес се дружеле со екипата од филмот „Elvis“ со која и претходно соработувале.

Да потсетиме, Лиза Мари Присли, почина денеска, 13 јануари, на 54-годишна возраст, од последици од застој на срцето. Тажната вест ја потврди и нејзиното семејство.