Две лица загинаа, додека едно е повредено откако маскиран напаѓач влезе и пукаше во неколку лица во ресторан на плоштадот Неа Смирни, предградие во главниот грчки град Атина.

Како што јавуваат грчките медиуми, станува збор за инцидент „поради расчистување на сметките“. Од местото на нападот полицијата собрала три чаури калибар 9 милиметри.

Се започнало кога маж облечен во црно, со хируршка маска на лицето, упаднал од надворешната страна на локалот и се упатил кон една од масите каде седеле две лица со албанско потекло и отворил оган врз нив. Во видео снимката објавена од protothema.gr, маскираниот маж се чини дека пука пет пати кон масата со две лица.

Еден од двајцата добил два куршуми во главата и починал на лице место, додека вториот човек бил погоден со еден истрел во градите. При инцидентот во пределот на стомакот е повредена и девојка која седела на блиската маса.

И девојката и мажот со амбулантни возила се пренесени во болница. Состојбата на мажот со албанско потекло била многу тешка и набргу починал. Забележано е дека полицијата започнала потера за пронаоѓање на убиецот со хируршката маска.