Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи при Оддел за криминалистичка полиција, во заедничка акција со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и со Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денес во Катланово лишија од слобода три лица, и тоа М.Ш.(48), Е.Т.(30) и А.З.(19), сите од Скопје, бидејќи кај нив бил пронајден ранец со 14 компресирани пакувања со синтетичка дрога амфетамин, со тежина од околу 7 килограми, чија вредност е околу 40.000 евра.

ОД МВР информираат дека во текот на ноември и декември 2022 година, по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Скоје, беше спроведено криминалистичко истражување насочено кон лица дилери, кои вршат продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје, Велес, Гевгелија и Тетово.

Во текот на истрагата лишени од слобода се 13 лица и запленет е околу 1 килограм синтетичка дрога амфетамин и марихуана, за што досега се поднесени 8 кривични пријави до надлежните Основни јавни обвинителства во Скопје и Велес, а на дел од лишените лица одредени им се мерки притвор.

– Во текот на денешниот ден извршени се претреси на 5 локации во Скопје, при што се пронајдени марихуана, хероин, амфетамин и предмети кои потекнуваат од извршени кривични дела кражби. Запленети се и парични средства кои потекнуваат од продажба на наркотични и синтетички дроги, а запленети се четири патнички возила (голф 5, ауди А3, мерцедес и рено клио) за кои во текот на истрагата беа обезбедени докази дека биле употребувани за продажба на дроги. Притоа, лишена од слобода е и Р.И.(39) од Скопје, а против други лица инволвирани во извршените кривична дела, за кои се обезбедени докази, ќе бидат преземени дополнителни мерки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода, како што изјави Сузана Прањиќ Талевска, портпарол на МВР.