Момче (9) од Загреб останало без четири прсти на левата рака освен палецот, откако во раката му експлодирала петарда.

Хирурзи, анестезиолози и педијатри шест часа се обидувале да ја спасат раката на момчето во операционата сала на КБЦ Загреб, но четири прсти биле целосно уништени и сите напори на лекарите не успеале.

Заменик-директорот на КБЦ Загреб, д-р Миливое Новаке изјави дека детето во моментов се лекува на одделението за детска интензивна нега.

Детето се уште е интубирано, бидејќи освен раката му се оштетени и дишните патишта. Имено, чадот влегол, па дошло до проблеми при вметнување на тубата пред операцијата, пренесува Јутарњи лист.

Наводно, момчето во раката држело петарда долга десет сантиметри, а успеало да ја запали со кибритчиња, што предизвикало силна експлозија и му нанело тешки повреди.

Лекарите посочуваат дека за секунда детето станало инвалид, а лекувањето ќе биде долго и тешко,пренесе Телеграф.рс.