„Трагедијата што не снајде засекогаш ќе ги одбележи животите на нашите семејства. Тоа е рана која долго ќе ја носиме“, изјави Роберто Маносперти, вујко на момчето (6) од Италија кое почина во египетското одморалиште Шарм ел Шеик по непрекинато повраќање цели 36 часа.
Момчето починало под неразјаснети околности. Маносперти рече дека неговиот зет првично се сомневал дека детето проголтало вода од базенот, но во локалната итна помош му било дијагностицирано труење со храна.
Момчето ги добило првите симптоми во петокот, по што добило третман за труење со храна. Неговиот татко Антонио и мајка му Росалија, која е во четвртиот месец од бременоста, добиле ист третман, со оглед на тоа дека и тие имале симптоми.
Сепак, состојбата на детето не се подобрила, поради што неговите родители во саботата го однеле во меѓународна болница. За жал, било предоцна. Лекарите еден час се обидувале да го реанимираат момчето, но тоа починало.
Неговиот татко, кој имал потешки симптоми, бил задржан на одделот за интензивна нега, додека неговата мајка, која имала најблаги симптоми, набрзо била отпуштена од болница.
Родителите на момчето тврдат дека јаделе само во одморалиштето каде што престојувале.
Станува збор за комплексот „Султан Гарден“ кој има пет ѕвезди и одлични препораки. Италијанската агенција АНСА навела дека никој друг освен ова семејство не пријавил труење за време на престојот во овој хотелски комплекс.
Адвокатите на семејството побараа обдукција на телото на детето, но египетските закони пропишуваат строги рокови. Потребни се еден до два месеци за да се добие извештај, врз основа на примероците земени од експерти од Суец. Египетскиот суд отвори истрага за смртта.
Таткото се опоравува
Таткото Антонио Мирабиле (46) се уште е во болница, но се чини дека состојбата му се подобрува.
„За среќа, состојбата на мојот зет благо се подобрува. Проблемот е ниското ниво на кислород во крвта штом ќе се отстрани маската за кислород. Затоа не може да се качи на првиот редовен лет и да се врати во Италија со сестра ми“, изјави Маносперти за италијанските медиуми.
Мајката на починатото момче Росалија Маносперти, која е во четвртиот месец од бременоста, се чувствува подобро. Имала и симптоми, но за среќа поблаги.
Според вујкото, семејството не верува многу дека египетските власти ќе ја откријат точната причина за смртта.
„Штом телото ќе биде вратено во Италија, ќе побараме уште еден преглед од доверливи лекари“, рече тој.
Маносперти упати апел до сите кои можат да помогнат семејството што побрзо да се врати во Италија.
„Апелирам до сите институции и надлежни органи, како локални, општина Палермо и регионот на Сицилија, како и националните, да дадат се од себе да ја вратат дома мојата сестра, која сакам да ве потсетам дека е бремена, како и мојот зет по оваа страшна трагедија што ги снајде“, рече тој.
Be the first to write a comment.