Јапонските медиуми објавија дека напаѓач го ранил поранешниот премиер на земјата Шинзо Абе за време на митинг во градот Нара. Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека Абе е „во многу сериозна состојба“.

– Лекарите во моментов прават се што можат. Се надевам и се молам поранешниот премиер да преживее – рече Кишида, опишувајќи го пукањето како „гнасен чин“.

Човекот осомничен за пукањето, наводно, рекол дека е „незадоволен од поранешниот премиер и сакал да го убие“.

Осомничениот, за кој се вели дека е поранешен припадник на јапонската морнарица, моментално е во полициски притвор, објави Ројтерс. Тој беше идентификуван како Тецуја Јамагами (41), жител на Нара.

Две жени очевидци на инцидентот изјавија за дека маж му пришол на Абе одзади додека тој држел говор, пренесува Гардијан.

– Се слушна првиот истрел и се чинеше дека никој не е повреден, велат очевидци.

Кога бил испукан вториот истрел, Абе паднал на земја и луѓето притрчале да му помогнат.

На снимката од местото на настанот се гледа како Абе е однесен од местото на пукањето на место каде што може да слета хеликоптер за што е можно поскоро да биде однесен во болница. Хеликоптерот слета на чистинка, а Абе беше префрлен заштитен со церада.