Само еднаш во две до пет години може да се случи невреме како вчерашното, уверува УХМР
Невреме како што се беше вчера во Скопје може да се случи еднаш во две до пет години, покажуваат историските мерења и статистички истражувања на интензивните врнежи со кусо траење, изработени во Управа за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР истакнуваат дека вчера во Скопската Котлина беа регистрирани значително високи количества на врнежи проследени со олуен ветер, грмотевици и локална појава на град и суградица, кои предизвикаа штети и поплави во градското подрачје.
„На автоматските и дождомерните метеоролошки станици во Скопје и околината, кои се дел на метеоролошкиот набљудувачки систем на Управата за хидрометеоролошки работи (Главна метеоролошка станица- Скопје Зајчев Рид, Гази Баба, Карпош, Црешево и дождомерните станици Лисиче и Ѓорче Петров) вкупното количество на измерени врнежи изнесува Гази Баба 35мм Црешево 25мм, Лисиче 20мм, Скопје Зајчев Рид 8мм, Карпош 6мм, Ѓорче Петров 3мм“, се наведува во соопштението од УХМР.
Локално врнежите беа со силен интензитет, така што во Гази Баба за два часа наврнаа 33мм, во Лисиче 20мм и Црешево 25мм. Во прилог е график со десетоминутни количини на врнежи регистрирани на автоматските метеоролошки станици.
Максималната брзина на ветер е регистрирана на Скопје Зајчев Рид во 16:10 часот од источен правец и изнесува 18.7м/с (повеќе од 65 км/час).
Be the first to write a comment.