Планинарката Далиборка С.(41) трагично загина во саботата вечерта додека со еден планинарски клуб била на планините „Проклетије“ (The Accursed Mountains или уште познати како Албански Алпи) во Црна Гора.

– При спуштање од врвот Очњак 2185м, на Проклетије, во необезбедениот стрмен дел од патеката дојде до лизгање и пад со трагичен исход… Нашата драга Дада „отиде“ на планинарење во рајските простори… Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството, роднините, колегите, Планинарското друштво и до сите што ја познаваа Дада – напиша пријател на жртвата.

Планинарското друштво Стара Пазова на Фејсбук ја објави тажната вест, а како што изјавија, Далиборка била нивен долгогодишен член. Тие се простија од неа со трогателна порака.

– Најтешката, незамислива вест нè погоди во саботата навечер. Нашата долгогодишна членка, другарка, пријателка, Далиборка С., трагично го загуби животот при планинарење на Проклетије. Количината на тага што ја чувствуваме сите ние што ја познававме Дада е неопислива – стои во описот на фотографијата:

– Далиборка ќе ја паметиме пред се како вистински пријател, човек, жена со светол и позитивен дух. Секогаш подготвена за шега, за мајтап, за помош и солидарност.

Тие додадоа дека жртвата била основа на нејзиното семејство.

– Далиборка беше и еден од темелите на нејзиното семејство, на кого изразуваме најдлабоко и најискрено сочувство. ПСД Стара Пазова и сите ние што ја познававме Далиборка ќе направиме се што е во наша моќ да бидеме со семејството на Далиборка во овие најтешки моменти за полесно да го пребродат овој период – стои под нејзината фотографија и додаваат дека собираат парична помош и обезбедување на жиро сметка на која може да му се помогне на семејството.