Играта, смеата и џагорот на децата кои во август, годинава беа на екскурзија во Кавадарци, се претвори во трагедија.

Единаесет годишно момче од Скопје вчера нешто по 23 часот почина на КАРИЛ (Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување). Детето беше тешко повредено на 14 август годинава откако на фудбалски терен во Кавадарци врз него падна пречка од гол. Лекарите речиси цел месец се бореа за животот на детето, но за жал момчето починало, објави порталот МКД.мк.

По наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција, а се води постапка и за причините поради кои се случи оваа трагедија.

Во Полициската станица во Кавадарци кога во август се случи настанот било пријавено дека на фудбалскиот терен во рамки на детското одморалиште Михајлово – Кавадарци, каде престојувале ученици од основно училиште од Скопје, еден малолетник бил повреден откако пречката од голот се превртела и паднала.

Од МВР тогаш информираа дека малолетникот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза” Скопје, а на местото на несреќата беше извршен увид од страна на увидна екипа од Кавадарци.

Постапката за оваа трагедија продолжува и по смртта на детето.