Малолетен возач синоќа прегази 71-годишен скопјанец на пешачки премин на раскрсница во Чаир. Пешакот бил удрен со голф и загинал на лице место.

17-годишниот возач немал ниту дозвола, а според обвинителството момчето управувало автомобил на неговиот татко и не се придржувал на сообраќајните прописи односно не ја приспособил брзината на движење кон својствата и состојбата на патот. Се обидел со голфот во голема брзина да ја фати кривината, но удрил во 71-годишниот скопјанец кој настрадал на пешачкиот премин.

Обвинителството бараше притвор за малолетниот возач кој по потекло е од скопското село Брест.

Соопштение на МВР:

Скопјанецот Ш.Р. (71) смртно настрада во синоќешната сообраќајна несреќа во Скопје, на крстосницата од улиците „Кемал Сејфула“, „Александар Урдаревски“ и „Босна и Херцеговина“, откако во него удрил автомобил „голф 5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Ј. (18) од с. Брест, Скопско, кој, исто така, се здобил со повреди.

„Пешакот им подлегнал на повредите на местото на несреќата. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, додека возачот И.Ј. се здобил со телесни повреди“, наведуваат од МВР.

Увид на местото на несреќата извршиле екипа од СВР Скопје и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено за обдукција.

Соопштение на Јавно обвинителство:

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во судир со законот за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие кое што со закон е определено како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик.

Без да има важечка возачка дозвола, детето на возраст од 17 години, на 27 јануари во вечерните часови, управувало автомобил „Фолксваген голф“, сопственост на неговиот татко. Притоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето.

Возејќи по улицата „Босна и Херцеговина“, стигнал до крстосница со улиците „Александар Урдаревски“ и „Кемал Сејфула“, но не ја приспособил брзината на движење кон својствата и состојбата на патот. Како резултат на тоа, со предниот лев дел од автомобилот удрил во пешак кој го поминувал коловозот на обележан пешачки премин. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место.

Јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерка притвор спрема детето во судир со законот, бидејќи оцени дека постои опасност да се даде во бегство, да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото.​