– Четири години по првите сознанија, се проверува дали и колку од опасниот линдан од ,,Охис” е одлаган над скопско Драчево – мештани сведочат за пцовисана стока и плуски по рацете. Ова е една од темите во вечерашното издание на емисијата „360 степени“, за кој известуваше новинарката Славица Филиповска.

Стручни екипи трагаат по остатоци од линдан на локалитетот Пеленица над скопско Драчево. Теренот се проверува по добиените сознанија дека и овде во минатото непроверено се депонирал канцероген отпад од фабриката ОХИС.

– Отчитуваме концентрација на хемиски елементи во почва. Моментално мериме хлор и евентуално присуство на жива. Негде отприлика 109.000 ппм за хлорот, жива нема идентификувано. Ова значи висока контаминација, изјави Трајче Митев од „Деконс ема“.

И пред да стигнат лабораториските резултати, стручњаците можат да претпостават од каде се високите концентрации.

– Мерењата до сега на оваа прва бушотина укажува дека до длабина три до четири метри е регистрирано присуство на поголема количина на хлор, изјави Ванчо Ангелов.

На прашањето на новинарката Филиповска дали тоа значи дека тоа се остатоци од линдан, Ангелов вели:

– Тоа значи најверојатно, присуството на хлорот не може да биде од друго потекло, најверојатно е од линданот.

Специјализираниот тим има за задача на повеќе места да земе примероци од почва на различна длабочина. Очекувањата им се да допрат до јами со бетонски ѕидови во кои според прелиминарните податоци, отпадот бил депониран во метални буриња и покриен со земја. Освен почва, ќе се анализираат и подземните води.

Додека се трага под површината, миризбата во воздухот е слична како во близината на ОХИС.

– Па, мирисот се чувствува, налетавме на една сонда која што покажа дека има депонирано отпад тука, изјави Александар Мицковски од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи при МЖСПП, кој додава дека до крајот на годината се очекува да се добијат финалните резултати со проценети колични на контаминирана земја, опции за редемијација и колку би чинело.

Првите сознанија за потенцијалната токсична депонија на Пеленица, 360 степени во 2018 година ги добиле од Сретен Стојковски, поранешен вработен во Охис.

-На истиот начин како што е складиран во ОХИС и овде е донесен, ставен, затрупан со земја и така е оставен. Од тој период нема мониторинг на локацијата, што се слулчува, во каква состојна се бурињата, дали се распаднати, нема мониторинг неправено, рече Стојковски.

Парцелата со подземна депонија е во близина на Марков манастир и над селото Љубош, чии жители се сеќаваат како играле над темпираната бомба, а таму го паселе и добитокот.

– Стока која пасеше во тој регион на Пеленица, значи пцовисуваше. Ние како деца, знам дека ни излегуваа плуски по рацете, ама тоа се рачунаше тогаш како од 86-та година кога беше проблемот со Чернобил. Тогаш не убедуваа дека е од Чернобил. Тој дел и кај што се наоѓа линданот, под него местото се вика Локва, има многу подземни води. Цела таа вода значи ние ја пиевме од бунарите. Сигурно некоја од генерациите ќе ги почувствува тие последици. Таа генерација од 80-тите до 90-тите години сигурно ќе ги почувствуваат и веќе ги чувствуваат последиците од линданот кој се наоѓа на Пеленица, вели жител на Љубош

Колку и какво токсично наследтсво оставил Охтис на Пеленица ќе се знае по лабароториските анализи кои ќе се прават во Холандија.