Џез-трубачот Душко Гојковиќ, кој е еден од најуспешните музичари од Балканот, почина на 92-годишна возраст во Минхен, Германија, објави „Би-би-си на српски“.
Гојковиќ свиреше со најголемите имиња на џез музиката како Дизи Гилеспи, Џери Малиган, Стен Гец, Сони Ролинс, Чет Бејкер, Мала Волдрон и Мајлс Дејвис.
„Тој им припаѓа на најголемите уметници на 20. век од овие простори“, вели Владислав Томаниќ, претседател на здружението „Душко Гојковиќ Џез иницијатива“, за „Би-би-си на српски“.
Неговиот авторски опус го одбележаа многу композиции, а тој беше првиот во светот што го воведе хармоничното и ритмичкото музичко наследство на Балканот во современиот џез.
„Тој си замина ненаметливо и тивко, каков што и беше самиот. Трубата на Душко звучеше префинето, елегантно, силно и препознатливо. Замина вечното момче со труба“, се вели во соопштението на здружението „Душко Гојковиќ Џез иницијатива“.
Неговата музичка кариера траеше повеќе од 70 години, а кога ја доби наградата за животно дело „Echo Jazz“ во Хамбург, во ноември 2022 година, рече дека сè уште свири и дека работи на неколку проекти паралелно.
„Тој беше многу посветен, вежбаше секој ден до последните денови, што е целосен феномен некој да свири на труба на 90 години“, изјави Иван Благојевиќ, директор на „Нишвил џез фестивал“ во Србија, каде Гојковиќ настапуваше неколку пати.
Be the first to write a comment.