Тетовско-гостиварската епархија информира дека вчера почина, а денеска е погребан игумен Теодосиј од Лешочкиот манастир. По опелото тој е погребан во Лешочкиот манастир.

–На 3 декември 2022, во навечерието на празникот Воведение на Пресвета Богородица-Пречиста, се упокои игуменот на Лешочкиот манастир, Теодосиј. Со таговна радост и неодминливо воскресенско чувство во срцето го испративме во другиот, вечен живот. На опелото во Лешочкиот манастир чиноначалствуваше надлежниот митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештеници од епархијата, информираа од епахијата.

Игумен Теодосиј е роден во 1944 година во село Глоѓи со световно име Димитрије Крстевски, од татко Маринко и мајка Цена. Осумгодишно училиште завршил во с. Теарце, а потоа во 1960 година се запишува во Призренската Богословија, која ја напушта во 1962 година и своето образование го продолжува во Богословијата „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во 1967 година. Стапува во брак со Бора Јовановска на 27. 09. 1968 година. Ракоположен е во ѓаконски чин на 10. 08. 1969 година од страна на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и прв Митрополит Скопски г. г. Доситеј, во храмот „Св. Петка“ во с. Туденце, а на 14. 08. 1969 година е ракоположен за свештеник во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Скопје и поставен за парох во Вратничката парохија.

Во 1979 година е поставен за парох во Теаречката парохија и е назначен за старешина на Лешочкиот манастир. На 09. 07. 1987 година е произведен во протоерејски чин, а на 05. 01. 2001 година е одликуван со граден крст. На 27. 08. 2009 година е замонашен и го добива името Теодосиј, а на 15. 05. 2010 година поставен е за игумен на Лешочкиот манастир.