Тригодишното девојче Софија Караџиќ од Србија, кое боледуваше од леукемија, ја загуби битката за живот. Оваа тажна вест преку видео порака ја соопшти таткото на Софија, Марко Караџиќ.

– Софија ја загуби последната битка и повеќе не е со нас. Јас и Сузана веруваме дека таа сега е во Божјата благодат и дека неговата рака ја гали. Ќе се одмори. Ви благодариме за се што направивте за неа, многу ни помогна, низ солзи рече неутешниот Марко.

Софија беше среќно и здраво дете до ноември 2020 година. Нејзините родители ја однеле на преглед поради проблеми со црниот дроб.

Таа тогаш имала 17 месеци. Имала жолти подочници. Докторката ѝ рекла на мајката дека нема потреба да се „крева врева“ затоа што најверојатно е жолтица во прашање. Но, уште пред да пристигне дома, докторката го побарала Марко, таткото на Софија, да се врати итно за да добие упат во Институтот за мајка и дете.

За неколку дена и беше дијагностицирана леукемија, C91.0 леукемија lymphoblastica acuta. Софија седум месеци била на хемотерапија, по што понатамошното лекување продолжило дома со редовни прегледи и надеж дека болеста никогаш нема да се врати.

На почетокот на септември 2022 година, леукемијата се врати и за Софија хемотерапијата и трансплантацијата на коскена срцевина беа единствениот лек и надеж за нејзиниот живот. За жал, болеста беше посилна од ова храбро девојче.