Дванаесетгодишниот Огњен, како што вели неговата тетка Тања Милиќевиќ, три години бил мета на неговите врсник од петто одделение во основното училиште „Вук Караџиќ“ во населеното белградско место Степоевац.

„Дошол крвав“

– Имаше се, од кинење книги и полевање со вода на приборот, до физички напади. Во два наврати, врсникот насилник го удрил во меѓуножјето, а последниот пат му се заканувал. Неколку пати одевме на училиште, но училиштето не дозволуваше да се спомене зборот „врсничко насилство“. И којзнае до каде ќе одеше ако Огњен не дојдеше крвав пред една недела. Во училиштето се обиделе да го претстават тоа како да се сопнал, дека сам се удрил во коленото на насилникот и паднал. Му ја избришале крвта од лицето на Огњен, но траги останале на неговата маица. Кога го видел, таткото полудел и изгубил контрола, вели Тања.

Таткото на Огњен, Срѓан, испратил неколку заканувачки пораки до класниот раководител на сметка на насилниот ученик (од типот „крв за крв“) и нервозно влетал својот автомобил за да го пронајде напаѓачот. Тој извесно време возел по него и му се заканувал, додека преплашениот петтооделенец не влетал во куќа, а сопствениците повикале полиција.

Срѓан е уапсен и моментално се наоѓа во притвор во Централниот затвор. Во целиот случај се вклучени полицијата, училишната екипа против насилство, Центарот за социјална работа…

– Срѓан во афект го направи она што не требаше да го направи и за тоа ќе одговара, но проблемот е што оваа ситуација наместо да биде предупредување што се случува кога насилството кулминира поради прикривање, сега почнува да се врти на штета на Огњен. Ова е мала заедница и се зборува сешто, коментира Тања.

Насилното момче преместено

Состанокот на тимот против насилство во училиштето траел три часа, а присуствувале и родителите на другото момче и мајката и тетката на Огњен. Тања ѝ е благодарна на директорката што одвоила толку време, но сите примери на насилство врз Огњен некои присутни ги коментирале со „и што да го обесиме ли сега“ или „тоа е детска игра“. Насилното момче било префрлено во друго одделение, а Огњен неколку дена не одел на училиште.

Училишниот психолог Бранка Тишма коментира дека најлошо е кога родителите ја земаат правдата во свои раце:

– Доколку не се задоволни од реакцијата на училиштето, можат да се пожалат до управата или до Министерството за образование. Има и СОС телефон за врсничко насилство. Најлошо е кога родителите се обидуваат сами да ја решат ситуацијата – вели Тишма.