Телото на британскиот татко „херој“ кој скокнал од чамец за да го спаси својот син е откриено во популарно туристичко езеро во Италија, повеќе од три недели откако исчезнал.

Аран Чада (51) минатиот месец бил на одмор со семејството кога се удавил во езерото Гарда во северна Италија. Инцидентот се случил на 22 јули, а неговото тело го пронашле во вторникот попладне волонтери користејќи подводни дронови, соопшти локалната крајбрежна стража.

Откриен е на длабочина од 316 метри и на околу 800 метри од брегот, во близина на одморалиштето Лимон.

Чада изнајмил брод со неговите две деца и партнерката Холи Мозли (39) на езерото. Тие биле на околу 500 метри од брегот кога неговиот 14-годишен син се нашол во неволја во водата, па тој се втурнал и успеал да го турне кон пловилото за да го спаси, соопшти крајбрежната стража.

Настраданиот Чада со семејството

Чада потоа самиот се нашол во неволја и потонал под водата, што предизвика огромна потрага. Крајбрежната стража соопшти дека давењето е „најверојатно предизвикано од болест“ откако го спасиле детето кое било во опасност.

По трагедијата беше објавено дека се верува дека можеби доживеал напад од термички шок. Температурите беа околу 38 степени, но водата беше „добри 10 степени поладна“.

Командантот на крајбрежната стража Антонело Рагадале тогаш изјави дека тој е „херој“ и дека властите прават се што можат за да го пронајдат.

Потрагата започнала откако сопругата го вклучила алармот повикувајќи се на меѓународниот број за итни случаи.

Крајбрежната стража ја координираше операцијата, во која учествуваа полиција, хеликоптер и поморски и противпожарни нуркачки тимови опремени со сонари и возила на далечинско управување.

Тој требаше да го прослави роденденот на одмор, а на неговото семејство, кое сега се врати во Англија, соопштено му е дека неговото тело е пронајдено.

Според неговата страница на LinkedIn, Чада работел за Global Energy Ventures, компанија која ги сервисира нафтените полиња во Африка.