Пораки исклесани во карпи, некои стари дури и до 500 години, почнаа да се појавуваат во летниот период покрај реките низ централна Европа уште од 2018 година. Овие пораки се предупредување за опасностите од сушата, како што во минатото биле неуспешните жетви, а со тоа се и најава за „гладна година“ во Европа.

Во минатото кога „стариот континент“ бил зафатен од климатски промени слични на овие кои се случуваат последниве години, тогашните жителите на Европа ги испишувале овие предупредувања со кои се тврди дека, доколку може да се видат тогаш постои голема опасност поради намалувањето на нивото на водата.

– Ако ме видите, тогаш почнете да плачете, пишува на германски јазик на најстариот предупредувачки камен кој датира од 1616 година, а забележан и фотографиран е во 2018 година на брегот од реката Елба близу границата помеѓу Чешка и Германија.

Овие предупредувачки пораки впишани во камења и карпи, познати како „камења на гладот“ се релативно вообичаени низ централна Европа.

Во јули годинава Европската комисија предупреди дека 46 отсто од територијата на ЕУ е изложена на предупредувачко ниво на суша, со 11 отсто на ниво на тревога, при што земјоделските култури веќе страдаат поради недостиг на вода.

Германското министерство за здравство алармираше за ниското ниво на реката Рајна и невозможноста на големите бродови да пловат низ неа. Тоа создава потешкотии во транспортот на стоки – вклучително јаглен и бензин – во време кога Европа е зафатена од суша и енергетска криза.

Премиерката на Франција, Елизабет Борн информираше дека актуелната исклучителна суша лишува многу заедници од вода и е трагедија за земјоделците, екосистеми и биолошката разновидност, и апелираше за штедливо користење на водата.

Францускиот енергетски гигант EDF објави дека привремено го намалува производството во своите нуклеарни централи на реките Рона и Гарона, бидејќи зголемените температури на водата ги прават несоодветни за ладење на нуклеарните реактори.

Реката По која е најдолга во Италија летово го достигна најниското ниво во последните 70 години.

Истакнувајќи ја загриженоста на Норвешка поради влијанието на се помалите резерви на вода, министерот за нафта и енергија Терге Осланд на почетокот на неделава истакна дека владата дава приоритет на полнење на хидроенергетските капацитети и ќе го запре извозот на енергија кога резервите ќе се смалат на многу ниско ниво.