Момче почина откако беше каснато од змија во Квинсленд, Австралија, а таткото на момчето е обвинет за убиство од небрежност поради трагедијата.

Тристан Фрам имал 11 години кога ја сретнал змијата во регионот Јужен Барнет во ноември 2021 година. Починал неколку часа подоцна. Полицијата во Квинсленд потврди дека 31-годишен маж бил обвинет за убиство од небрежност во понеделникот вечерта по 12-месечна истрага.

Се верува дека Тристан бил каснат кога тој и неговиот татко Керод Фрам биле на имотот на пријател во Мургон. Една роднина потоа се огласи на социјалните мрежи за да му оддаде почит на нејзиниот „мал херој“.

– Немам зборови, срцето ми е скршено. Сè уште не ми се верува. Не би можела да имам поголема среќа од тоа да имам внук како тебе – напишала таа.

– Фала што ме направи тетка. Те сакам повеќе отколку што мислев дека е можно. Ми недостигаш повеќе секоја минута. Секогаш ќе има огромна дупка во моето срце – додаде таа.

Полицијата соопшти дека мажот не побарал лекарска помош откако момчето било каснато. Тој треба да се појави пред Судот во Мургон на 6 декември.

Од 2000 до 2013 година, имало помалку смртни случаи од каснување од змија отколку од пчели, оси, мравки и крлежи, според студијата од 2016 година објавена во списанието Internal Medicine.