Најмалку 10 луѓе загинаа откако вооружен маж влегол во супермаркет и почнал да пука. Злосторството се случи во градот Бафало во американската сојузна држава Њујорк.
Напаѓачот убиствата ги пренесувал директно на интернет сервисот Твич преку камера што ја поставил на кацигата. Тој бил тешко вооружен, а како што објавуваат тамошните медиуми, имал воена опрема и панцир.
Според неофицијалните информации најголем дел од жртвите се афроамериканци, а супермаркетот Топс се наоѓа во населба доминантно со црно население.
Полицијата не го откри идентитетот на напаѓачот, но објави дека станува збор за 18 годишно момче кое не е од Бафало, а како што соопшти ФБИ масакрот ќе биде истражуван како злосторство од омраза и „расно мотивиран насилен екстремизам“.
Сведоштво за масакрот во Бафало
– Слушнав истрел за кој знаев дека е од огнено оружје, а не петарда. Погледнав и видов чад. Видов како чувар од обезбедувањето трча во продавницата, а потоа го видов и напаѓачот кој влезе потсвиткан, во војнички стил, и само пукаше во луѓето. Го слушнав како вика по луѓето и видов тројца кои лежеа. Немав телефон при себе, па врескав некој да повика полиција. Напаѓачот потоа излезе и го прислони пиштолот кон брадата, потоа го испушти оружјето, го симна панцирот и легна на земја, по што го уапсија. Уште не верувам дека ова се случи – вели сведок на пукањето, чија тетка била во маркетот, додавајќи дека слушнал околу 20 истрели.
По предавањето на полицијата, напаѓачот е во притвор. Американските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека станува збор за Пејтон Гендрон и дека потекнува од Конклин, мал град во сојузната држава Њујорк, приближно 300 километри јужно од Бафало. Тој до супермаркетот возел со часови, според полицијата.
Be the first to write a comment.