Мартин Ѓоргиевски, патник во таксито со кое се превезувал починатиот Денис Тот и обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефкова и Андреј Костовски, сведочеше како се случило недоразбирањето.

Тој е единствениот кој може да даде детали, бидејќи Обвинителството и одбраната и не можат да го најдат таксистот во чие возило се случила кавгата. Сведокот Ѓоргиевски го опиша сега починатиот со зборовите „душа од човек“.

Но тоа го услови и додаде дека кога ќе пиел алкохол, тој, како што рече: „имал испади“.

Ѓоргиевски и Тот се среќавале постојано, во кафеана, каде што излегувале. Критичната вечер кога се случи претепувањето до смрт, Тот го повикал сведокот Ѓоргиевски во истиот локал. Потоа, Ѓоргиевски го повикал првообвинетиот Анџело, кој, пак, дошол со второосомничената Клементина. Тот ги поканил сите да излезат во дискотеката „Привилиџ“, пред чии врати се случи настанот. Откако завршила забавата, причина за кавгата е место во такси-возилото. Според сведокот Ѓоргиевски, Тот го навредил првообвинетиот кому му упатил зборови: „Што сакаш бе ти да ти е…м мајката“, по што додаде „Мислам дека ја опцу мајката на Анџело“.

„Вечерта течеше нормално, седевме на иста маса, меѓу нас немаше никаква расправија. Сега починатиот Денис ми рече дека имал резервација преку другарка, која потоа (по настанот со претепувањето) се јави во Брза помош“, кажа сведокот Мартин Ѓоргиевски.

Пред судот го опишуваше сега починатиот. Кажа дека вечерта, додека седеле во кафеаната, Тот испил пет пива. Вечерта, според сведокот, пиел виски и енергетски пијалаци. Потоа нарачувал и текили.

„Денис кога немаше пиено алкохол беше душа човек, многу мирен. Но имаше и испади, се случуваше, не да напаѓа конфликтно, туку одеше нон-стоп да се запознава со други девојки, како што беше вечерта и во клубот. До нас имаше маса од која си заминаа поради него. Трипати го вратија од масата, а тој цело време таму одеше. Меѓу нас на масата имаше плус уште неколку други другари кои не ги познавав, беа млади момци. Немаше некои си расправии, сè беше во ред“, кажа сведокот.

„На два-три пати му нагласив ‘Полека малку’, бидејќи ги пиеше на екс“, додаде сведокот. Според него, имало мала реакција и од обезбедувањето на дискотеката, поради однесувањето на Тот кон девојчиња кои седеле на соседни маси. По ова, раскажа и за моментите кога требало да заминат дома. Место во такси-возилото било причина за кавгата. Следувал и удар, според сведокот. Тој кажа дека Тот замавнал со раката и го удрил Анџело, кого претходно го навредувал.

„Го повикав, дојде, ја зеде јакната, ја испи последната чашка на екс, се поздравивме во холот каде што се наплаќаат картите. Ние бевме од Волково, немавме финансии сите да плаќаме посебно такси, а автомобилот го оставив пред кафеаната. Се договоривме да појдеме до мојот автомобил со таксито и од таму да ги префрлам сите. Јас прв излегов, видов такси пред вратата, јас прв влегов во таксито, потоа мислам дека Анџело влезе до мене, Клементина влезе од левата врата, Виктор беше понастрана, го повикавме и тој да влезе. Клементина се префрли да седне кај Анџело во скут бидејќи требаше и Виктор да влезе. Починатиот Денис влезе во таксито, ние му кажавме да излезе бидејќи чекаме друг другар да влезе во таксито. Тој повторно почна да се пика во автомобилот, каде почна да ги навредува Клементина, потоа и Анџело. Употреби малку погрдни зборови, рече: ‘Што сакаш бе ти к…о мала’. На Анџело му рече: ‘Ти да ќутиш’, а Анџело му рече: ‘Полека малку, смири се’“.

Клементина, според сведокот, му кажала на Тот да го напушти таксито со зборовите „Излези, местото не е за тебе “ и по ова настанала турканица.

„Во дел од секунда почна турканица во таксито. Кон Клементина не знам дали имаше удар, но имаше удар кон Анџело. Се виде тој дел, со надворешниот дел од раката. Но тоа Анџело викна: ‘Што ме маваш бе’. Излегов од таксито, а кога тоа се случи, Денис Тот падна на грб. Веднаш се стрчав да ги разделам сите околу него. Починатиот имаше отежнато дишење сè додека не го качивме во Брзата помош… Имаше повеќе удари, не ги видов ударите од Андреј, ги видов од Клементина. Јас застанував пред неа, таа преку мене некако се протна и имаше уште еден удар. Се тргна на страна, а јас го видов телото и слушнав крчење, реков: ‘Што направивте’ и почнав да му давам прва помош, уста на уста и масажа на срце. Имаше еден дечко до мене, со шише вода, му го зедов, го поттурив на лице, го замив… Како што давав вештачко дишење се заморив, до мене беше Анџело, помагаше да му се пружи прва помош, потоа се вклучи Андреј Костовски. Јас не можев сам, самиот алкохол не даваше, застанав, престанав, не можев веќе, немав сила… Продолжија Андреј и Анџело, сега обвинетите, да му пружаат помош. Јас се тргнав на страна, тоа беше шок за мене. Денис ми беше другар, сепак, секој втор-трет ден бевме заедно“, раскажуваше сведокот.

Мартин Ѓоргиевски, патник во таксито и сведок во судскиот процес, кажа дека и денес е во шок од целата ситуација. Како последица на настанот, има и здравствени проблеми.

„Влеговме во друго такси, таксистот од првото такси не нè прими. Отидовме до мојот автомобил и стварно бев во шок. Мозокот не ми беше во функција. Мислам дека по тој случај ми се случија проблемите со срцето, одев на интензивна нега, бев задржан во болница, имам уплав“, додаде сведокот.

Тој раскажуваше и за други излегувања во кафеана со сведокот. Го опиша како позитивен и весел човек.

„Нон-стоп пиво, пиво, пиво, пиво. И пред настанот пиевме пиво. Во врска со други излегувања, имало исто така, не секогаш, но два до трипати, беше нападен по други маси, во смисла ќе види девојка и ќе ѝ пријде. А другите машки со таа девојка ќе го викнат, ќе имаат реакција, ќе му кажат да не прави такви работи“, додаде сведокот.

Адвокатите на Клементина се интересираа и дали Тот ја допирал второобвинетата во клубот.

„Околу нас имаше многу луѓе, јас не бев фокусиран на делот каде што беше Клементина. Бидејќи таа беше дојдена со мојот познаник Анџело, тука не знам дали имало фаќање, немало фаќање. Ако кажала обвинетата, дали е така или не е не знам“, кажа сведокот.