Тежок инцидент се случи поипладнево во Лесковац, кога се сруши таванот од новата свечена сала во некогашниот хотел „Београд“, а денеска познат под името „Лесковац“.

Моментот на уривање на кровот изгледаше морничаво, а во тој момент во зградата имало и работници кои почнаа да бегаат за да спасат жива глава. Според последните информации на српските медиуми, за среќа, никој не е повреден, иако снимката делува навистина застрашувачки.

– Покривот се урнал поради грешка на работниците кои поставувале противпожарни прскалки на тој дел од покривот. Важно е што никој не е повреден – изјави Звонимир Митровиќ, основач и сопственик на модната куќа МОНТОБЕНЕ, еден од бизнисмените кои закупија простор во некогашниот симбол на Лесковац, кој беше реновиран и почна да работи пред две години.

Во уредувањето и опремувањето на овој простор инвеститори од Лесковац вложија милион евра.