Украинскиот товарен авион кој полетал од Србија и се урна во близина на Кавала во Грција, носел осветлувачки и училишни мини во Бангладеш и ги имал сите дозволи, изјави денеска српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ.

– Авионот полета во 12:40 часот. Нарачателот беше Министерството за одбрана на Бангладеш и летот имаше рута. Тргна од Србија, а ги имаше сите соодветни дозволи – изјави министерот Стефановиќ на вонредна прес-конференција, пренесува Танјуг.

Тој рече дека е „неточно и злонамерно“ дека авионот се упатил кон Украина.

– Имаше шпекулации дека со овој лет се шверцува оружје од Србија во Украина, но тоа секако не е точно. Ние веќе имавме таква информација, но потоа се докажа дека не е вистина – изјави Стефановиќ.

Тој додаде дека загинале сите членови на екипажот на авионот.

– Загинатите не се државјани на Србија – рече Стефановиќ.

Тој додаде дека украинската компанија е само сопственик на авионот, а дека товарот што се превезувал со авионот е од српската компанија „Валир“.

– Станува збор за осветлувачки минофрлачки мини и училишни мини – рече Стефановиќ на прашањето што превезувал авионот.

Тој посочи дека информациите дека Србија транспортира оружје во Украина се појавиле неколку пати и дека секој пат се покажало дека е неточна.

– Ова не е прв пат, на почетокот на јуни имаше информации дека се транспортира одредено оружје во Украина, се покажа дека се работи за лет и стока што одеше во Алжир, а ги имаше сите потребни дозволи. Исто така, на 2 јули имавме слетување од ОАЕ на „Никола Тесла“, кој превезуваше два борбени авиони од Емиратите. Тие постојани измислици, со кои се обидуваат да го нарушат угледот на Србија, е нешто што е целосно провидно и злонамерно – рече Стефановиќ.

Како што претходно објавија медиумите, грчката цивилна авијација синоќа потврди дека украински товарен авион летал од Србија за Јордан кога се урна во близина на Кавала.

Грчките медиуми шпекулираа дека авионот превезувал „опасни материјали“, главно експлозив.