Не стивнува скандалот со директниот пренос на породувањe со царски рез на ГАК „Народни фронт“ во Белград и прикачувањето видеа од разголени жени во операционите сали на социјалните мрежи. „Инструментарката“ која сето ова го објави на нејзината сметка на ТикТок е суспендирана и против неа е покрената дисциплинска постапка.
Тврдела дека ништо не направила намерно, и дека случајно го пуштила видеото „во живо“. Поради тоа што го направила, не само што може да остане без работа, туку и за снимање и објавување снимки од пациенти без нивна согласност, законот предвидува, заедно со поведување прекршочна постапка, и парична казна од 50.000 до 2.000.000 динари за одговорните.
Иван Тришовиќ од Канцеларијата на Комесарот за информации од јавно значење и заштита на личните податоци за РТС посочи дека овој закон стриктно предвидува дека е неопходна согласност.
– Потребна е експлицитна согласност за обработка на таквите податоци, снимањето е пар екселанс пример за обработка на личните податоци, така што е потребна експлицитна согласност доколку се евидентира, особено за објавување – додаде Тришовиќ.
Да потсетиме, по реакцијата на медиумите на контроверзните снимки и објави, раководството на Гинеколошко-акушерската клиника „Народни фронт“ веднаш соопшти дека се згрозени и најостро ги осудуваат постапките на медицинската сестра, а воедно им се заблагодаруваат на сите кои навремено се огласиле за таквиот настан.
– Медицинската сестра која направи тешка повреда на работните должности и обврски како и професионалната етика е веднаш суспендирана по итна постапка и поведена е дисциплинска постапка. Напомена: мерката забрана за користење на мобилни телефони во породилното одделение и операционата сала се уште е на сила – се наведува во соопштението на раководството на клиниката.
Реагираше и министерката за здравство, Даница Грујичиќ, која истакна дека е „згрозена од фактот што здравствен работник дошол на идеја да емитува што се случува во операционата сала на Инстаграм, ТикТок или која било социјална мрежа на Интернет”.
– Го осудувам тоа што го направи. Таква идеја никогаш не би ми паднала на памет, тоа е интимност на секој пациент, никој не смее да ги снима без разлика дали им се гледа ликот или не.
Be the first to write a comment.