Масакрот врз осуммината македонски специјалци – војници и полицајци од 28 април 2001 година е веројатно еден од најкрвавите и најбрутални злосторства извршени во поновата историја на Македонија. На тој трагичен ден попладнето нешто пред 18 часот биле начекани во заседа, а потоа ѕверски биле масакрирани и живи запалени осуммината специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.

Го пренесуваме во скратена верзија обемниот текст од Википедија за ова злосторство, кој се повикува на многу документи, сведоштва и други факти: Иако нападнати од заседа и во безизлезна правлива кривина, на планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Вејце од 2001 останува во колективната меморија на Македонците како место на беспримерно злосторство, симбол на можеби најстрашното од мноштвото предавства со кои е исполнета македонската историја, најголем пораз на државните институции од група терористи и бандити, зашто до денес не се оформи, а камоли да се заокружи некаква судска разврска и некој да биде земен на одговорност.

Две недели пред масакрот кај Вејце немало никакви борби. На 28 април 2001 година комбинираната патрола, составена од 16 припадници на безбедносните сили, и тоа осум од Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ и осум од Посебната единица на СВР Битола, во 17 часот тргнала на задача од касарната во Тетово и требало да се врати околу 20 часот. Биле распоредени по четворица во две лади ниви и два хамера. Околу 17:45 часот на патот меѓу селата Селце и Вејце – тетовско, патролата навлегла во тесен непрегледен свиок. Кога првите три возила навлегле во кривината, во вид на потковица, од три страни биле нападнати од терористите.

Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје. Се пукало без престанок од 17:45 до 18:20 часот. Припадниците на безбедносните сили биле изненадени и непоготвени, но сепак почнале да излегуваат од возилата и да даваат отпор, но станале отворени цели, така што многумина веднаш биле смртно погодени.

Уште при првите истрели тројцата полицајци Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, зазеле позиции зад возилото, но брзо се здобиле со тешки рани, од кои некои се смртоносни. Четвртиот нивни колега Илче Стојановски, успеал да се повлече и да стигне до третото возило „хамер“, каде што заедно со ранетиот „волк“ Игор Костески давале отпор. Преку мобилниот телефон Илче Стојановски се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренесол дека се нападнати, оти има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, но не ја добиле. Еден близок другар на Илче има изјавено:„…му го препознав гласот и му реков на командирот да се вратиме и да им помогнеме.“ Уште еднаш очајнички и беспомошно се јави гласот на Илче преку радиостаница: Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош. Сите ќе изгинеме за Македонија…“ И радиостаницата замолкна. Така загинуваат Игор Костески и Илче Стојановски.

Генералштабот на Армијата на Македонија добил во 18,10 часот информација дека е нападната патролата, но помош од никаде не била испратена, ниту со борбени возила, ниту со хеликоптери.

По оружениот напад, кој траел дваесеттина минути, врз мртвите тела е направен морничав масакр, а тројца сè уште со знаци на живот биле живи запалени. Веднаш по осумкратното убиство, очевидци кои присуствувале на увидот, потврдија дека специјалците биле ѕверски касапени и мачени со ножеви, а потоа живи запалени. По убиството бандата ги масакрирала жртвите, а потоа се повлекла во шарпланинските села и се упатила кон граничниот реон, од каде што пребегала во Косово.

Според сведоштва на очевидец, кој успеал да се спаси од масакрот, во заседата биле неколку десетици луѓе, меѓу кои и луѓе со долги бради и ножеви, со кои го завршиле масакрот до крај. Станува збор веројатно за муџахединска група, која имала свој штаб и дејствувала под команда на Даут Харадинај. Терористите убиле со пукање само една од жртвите, додека другите седум биле сечени на парчиња или биле живи изгорени. Даут Харадинај бил шеф на Косовскиот заштитен корпус, а било лесно да се идентификува, бидејќи бил без една рака откако ја загубил другата при инцидент со мина.

Според очевидецот кој бил ранет со три куршуми и врз кои се извршени три сложени операции, заседата била поставена на добро подготвено место, терористите биле распоредени во форма на потковица па џиповите и хамерите биле засипани со гранати и куршуми дословно од сите страни.

Сашо Гилевски, припадник на Посебната единица на СВР Битола, е еден од првите кој пристигнуваат на кобното место. Тој масакрот го опишува вака: „… на Илче Најдовски гркланот му беше разнесен, откорнат… Се шокирав. Свеста ми се заврти, почнав да повраќам. Видов дека Марјан, Кире и Бошко горат. Малку потаму лежеа мртви и припадниците на „Волците“, тие не беа запалени. Очигледно беше изживувањето врз нив. Беа удирани со кундаци по лицето, на еден мозокот му беше истурен, очите им беа вадени со нож. Беа поттурени со газија, мирисот се чувствуваше во воздухот. Бошко и Кире лежеа еден до друг во пламен, а Марјан беше малку понастрана од нив. Гореа како свеќи. Знаев дека Кире имаше прстен со црн камен. Марјан го препознав по висината, а Бошко по тоа што беше покрупен. Толку беа јагленисани, што кога ги подигавме на едниот му се откачи ногата. Каде и да ја ставев, раката ми пропаѓаше во месото. Кревајќи ги, сите прсти од рацете ми беа изгорени, ама самиот си ветив дека ќе ги однесам Битола, за да бидат достојно погребани. Нема да ги оставам на ѕверовите и дивите животни во планина да ги растргаат.“

Многу дилеми за масакрот

Постојат многу нејасности околу масакрот кај Вејце. На каква задача била испратена патролата и тоа токму на тоа место, до сега одговор никој не дал. Од 16 члена половина загинале и тоа по четворица „Волци“ и четворица полицајци. Се поставило прашањето како е можно тројца ранети „Волци“ да бидат пуштени, а командирот на патролата да помине без никакви рани? Нејасно е исто така зошто четвртото полициско возило лада нива заостанало зад вообичаеното договорено растојание меѓу возилата во движење и не навлегло во кривината на смртта. Останува енигма зошто полицајците од ова возило не дејствувале и не им помагале на колегите, кои крвавеле и умирале?

Полициски началници ја предале патролата кај Вејце

Постојат документирани докази дека масакрот кај Вејце е еднаков на предавство, бидејќи на терористите им било сигнализирано по врска дека патролата е веќе тргната и им биле дадени неопходните координати и маршрутата по која требало да се движи патролата. При пребарување на теренот била пронајдена радиостаница „моторола“, чиј сериски број укажувал дека е полициска, па оттаму сомневањата дека терористите цело време, пред и по масакрот, биле во врска со некој од полицијата во Тетово.

Прв на списокот на осомничени се најде Игор Манојлевски, тогашен началник на Секторот за полиција на СВР Тетово. За него велат дека, наводно, единствено тој и неговите соработници и локални припадници на ДБК знаеле каде, во каква формација и во кое време ќе се движи комбинираната патрола за Вејце. За продадената информација бил награден со околу 700.000 швајцарски франци. Наредниот ден по масакрот е уапсен и задржан две недели во притвор.

Кај него дома се најдени парите, за кои не можел да го докаже потеклото. На брзо потоа е суспендиран од тоа работно место и е префрлен во Скопје, повторно на началничко место во полициската станица „Карпош“. Цело Тетово него го посочуваше како предавник, па затоа тој се исели од Тетово. Неговиот татко купи куќа во Битола, но плашејќи се од одмазда на семејствата на загинатите битолски полицајци во Вејце, ја продал куќата и купил друга куќа во една населба во Скопје. Во ревијата „Старт“ Манојлевски демантира дека ја предал патролата.

Многу докази укажуваа дека терористите биле известени преку радиоврска за движењето на мешаната полициско-војничка патрола. Беа фатени и сигнали од разговор меѓу лица од касарната во Тетово и терористичката група сместена кај Вејце, која ги чекала во заседа македонските бранители после нивното тргнување на доверените војнички задачи

Амнестија за хашките случаи

На 19 јули 2011 година со Автентичното толкување на Законот за амнестија сторителите беа амнестирани од страна на Собранието на Македонија. Речиси сите загинати во Вејце се масакрирани со тврди предмети и ножеви, додека биле ранети и живи, а потоа и живи запалени, сето тоа се коси со Женевската конвенција и другите норми на војување, со што настанот е доволен доказ дека извршителите и нарачателите требаа да бидат изведени пред домашните судови а потоа и пред меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Сите докази и материјали, во форма на дигитален запис, биле испратени до меѓународниот суд за воени злосторства. Меѓу петте оформени Хашки предмети за воени злосторства направени во 2001 година во Македонија, е и досието за водството на ОНА во кое е опфатен и масакрот кај Вејце.

Дали и масакрот кај Вејце ќе доживее судска разврска?

Во анализата со наслов „Мементо за воените злосторства над македонската државност“, која ја објави весникот „Нова Македонија“ на 8 април годинава, пишува: Судењето на косовските челници на ОВК за нејзините злосторства во Косово потсетува на незастареноста и нерешените злосторства на ОНА во Македонија од 2001 година. Тоа сегашно судење на поранешните косовски борци на ОВК во Хаг, ја активира потребата да се активира судска постапка и во Македонија за Хашките случаи за злосторствата против човештвото, сторени во 2001 година од ОНА. Исто така ја остава отворена можноста во одредена точка во иднината да уследи сличен процес пред меѓународна судска инстанца и за ОНА во Македонија. Не смее да се исклучи можноста овие случаи повторно да се активираат, односно да се извршат судски процеси во домашните кривични процедури на земјата.

„Не би ме изненадило и Али Ахмети да се најде на обвинителна клупа.“ – вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска. Таа вели дека политичките власти во минатото еднострано одлучија „хашките случаи“ да не се процесираат судски. „Но, ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека Меѓународниот суд ќе се согласи со оваа одлука!“ – нагласува Николовска.“