Двајца работници го загубија животот откако кран се урна на градилиште во Кавадарци. Екипите на итната медицинска помош само констстатирале смрт на лице место. Надлежните испитуваат кои се причините за несреќата, но според информации на Сител, најверојатно попуштила сајла.

Телата на загинатите се предадени на обдукција.

-Со цел утврдување на причините за несреќата ќе биде издадена наредба за вештачење, а во меѓувреме надлежното обвинителство прибира вербални и материјални докази за испитување на сите околности, велат од Јавното обвинителство во Кавадарци.

Очевидец вели дека за време на несреќата долу имало работници, но на време успеале да избегаат.

-Почна да крцка, многу силно. На колегата му реков: „Види, ова се лула“ и додека да му кажам овој дел сега што е паднат, почна да паѓа надолу. Тука работеа и други луѓе, што монтираат, и одеднаш падна, вели Владимир Кузманов.

Градилиштето се наоѓа веднаш до булевар каде останаа само купишта железо и преградни лимови.

-Вистинска среќа е што во моментот кога кранот паднал, на булеварот немало ниедно возило. Во спротивно, трагедијата би можела да биде многу поголема.

Градоначалникот Јанчев побара надлежните да истражат како загинаа двајцата работници.

-За нас како општина е немил ден, немил настан. Очекувам истражните органи да го истражат случајот до крај за причинителите на самата штета, вели Јанчев.

Изведувачот уште вчера почнал да го монтира кранот, но работата била прекината поради невреме кое го зафати Кавадарци. Поради тоа, работниците почнале со работа уште рано наутро.