Расветлување на инцидентот веднаш и пронаѓање на причинителот на пожарот во Центарот „Ванчо Михајлов“ во Битола бараат политичарите.
Претседателот Стево Пендаровски преку социјалните мрежи го осуди палењето на објектот.
– Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија. Ги повикувам надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите, порача претседателот.
Премиерот Ковачевски вели дека во 21-от век со палење и опоужување не може да се постигне ништо.
– Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчитат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат за цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите, вели Ковачевски.
И министерот Османи, кој денеска ја пречека неговата бугарска колешка Теодора Генчовска побара надлежните веднаш да го расчистат случајот.
– Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери коишто се против постигнувањето напредок во односите меѓу С Македонија и Република Бугарија и нашата заедничка европска иднина. Ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден кога двете држави ќе остварат дијалог на ниво на министри за надворешни работи со цел за надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на С. Македонија, вели Османи.
Опозицијата, пак, смета дека вакви инциденти се случуваат поради нефункционалноста на институциите.
– Бугарија треба да покаже разум и мислам дека треба да го тргнат ветото. Ако сакаат да наоѓаат причини за да го остават ветото можат секогаш да наоѓаат причини, како и во животот можете да најдете причина да со некого сте пријател, можете да најдете 1.000 причини со некого да сте непријател. Тоа е нивниот избор, но треба да се свесни дека од нивниот однос зависи и нашиот однос и односот на граѓаните на Македонија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.
Лидерот на Левица пак, Димитар Апасиев предмалку се јави со свој коментар на Твитер:
ОГИН силен ќе ве изгори!#КлетитеФашисти
— Апасиев (@apasiev) June 4, 2022
Потпретседателката на Бугсарија Илијана Јотова вели дека ова било провокација која е дел од антибугарската кампања во Македонија.
– На отворањето, пред еден месец, присуствуваше голема бугарската делегација во Битола, и тогаш изјавивме дека функцијата на Културниот дом е зачувување на бугарската култура и идентитетот на Бугарите во Северна Македонија. Само брзо дејствување на институциите со цел откривање на сторителите ќе покажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како на сите останати националности, вели Јотова.
Инцидентот го искористија и контроверзните Ангел Џамбаски и Красимир Каракачов за да порачаат дека продолжувала репресијата врз Бугарите во Македонија.
Палењето на Центарот „Ванчо Михајлов“ се случува на првиот ден од дводневната посета на Генчовка на Македонија на која треба да продолжи дијалогот меѓу двете министерства за надворешни работи за отворените билатерални прашања меѓу Скопје и Софија.
Be the first to write a comment.