Лионел Меси го крена трофејот на светскиот шампион облечен во бишт, традиционална наметка што ја носат богатите граѓани на Катар кои често ја носат преку другата облека.

За време на церемонијата на предавање на трофејот на светскиот шампион, катарскиот шеик Тамим бин Хамад Ал-Тани му облече бишт на Меси, непосредно пред славниот Аргентинец да го подигне пехарот.

Тој потег предизвика многу дискусии во фудбалскиот свет. Многумина беа револтирани од тој потег, тврдејќи дека шеикот на тој начин му ја украл славата на Меси и дека најдобриот играч на светот требало да го одбие тој чин и да го прими пехарот во аргентински дрес.

„Но зошто? Немаше потреба од тоа“, вели 37-годишниот поранешен аргентински репрезентативец Пабло Забалета, кој како стручен коментатор за BBC го следеше финалето на Светското првенство меѓу Аргентина и Франција.

Сепак, има и такви кои ја оправдуваат реакцијата на Меси со тврдењето дека тој се однесувал достоинствено и дека не сакал да предизвика никаков скандал со непочитување кон домаќинот.

Романски тренер вели дека Меси се снашол добро

Романскиот селектор Чиприан Панаит, кој долги години работи во земјите од Персискиот Залив, изјави дека е добро за Меси што го облече биштот, бидејќи секоја друга реакција би предизвикала многу проблеми, па дури и дипломатски скандал, а тоа би му предизвикало низа тешкотии во ПСЖ.

„Гледам дека некои од моите колеги дадоа изјави за овој случај и тоа од потполно незнаење. Доколку Меси не ја облечеше таа наметка, тоа ќе беше најголема навреда за катарскиот шеик и ќе дојдеше до дипломатски конфликт. Тие што коментираат треба да го знаат тоа“, рече Панаит и додаде:

„Јас, по шест години во Саудиска Арабија, сакам да кажам дека само владејачката класа ја носи таа наметка, само многу богати луѓе, а кога ја добивате, тоа значи дека сте дел од нивното семејство, значи дека сте добредојдени во тој круг. Тоа е најголемиот можен чин на почит што ви е покажан. Кога емирот на Катар ви го нуди овој подарок, мислам дека никој не може да си дозволи да не го прифати. Меси е во ПСЖ, нели? Знаете ли кој е газда на ПСЖ? Кралското семејство, а не Насер Ал-Хелаjфи“, заклучи романскиот тренер.