Русија ја обвинува Украина дека планира да употреби таканаречена валкана бомба, обвинение што Киев и неговите западни сојузници го отфрлаат како операција со лажно тврдење што Москва може да го искористи како изговор за ескалација на војната против својот сосед.

Валкана бомба е оружје што комбинира конвенционални експлозиви како динамит и радиоактивен материјал како ураниум. Често се нарекува оружје за терористи, а не за држави, бидејќи е дизајнирано повеќе да шири страв и паника отколку да елиминира воена цел.

Украинските власти ги негираат обвинувањата на Москва, а министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба ги покани инспекторите на ОН да ја посетат Украина за да покажат дека немаат што да кријат.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на 24 октомври соопшти дека ќе испрати инспектори да посетат две нуклеарни локации во Украина, откако добиле барање за тоа од властите во Киев.

МААЕ не ги кажа двете локации.

Дали валканата бомба е нуклеарно оружје?

Не.

Експлозијата од валкана бомба е генерирана од конвенционални експлозиви. Експлозијата од нуклеарно оружје е генерирана од нуклеарна реакција, како што се атомските бомби што САД ги фрлија врз Јапонија во Втората светска војна.

,,Нуклеарната бомба создава експлозија која е илјадници до милиони пати помоќна од кој било конвенционален експлозив што може да се користи во валкана бомба“, велат од американското Министерство за домашна безбедност.

Експлозијата од нуклеарно оружје може да срамни со земја цели градови. На пример, атомската бомба фрлена врз Нагасаки во 1945 година уништи 6,2 квадратни километри од градот, според Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје. Конвенционалните експлозиви во валкана бомба може само да срамнат со земја или да оштетат неколку згради.

Додека облакот во облик на печурка од нуклеарна експлозија би можел да покрие десетици до стотици квадратни километри, ширејќи ситни честички од нуклеарен материјал над таа област, поголемиот дел од радиоактивниот материјал од валканата бомба ќе биде распространет на неколку градски блокови или неколку квадратни километри.

Дали некогаш била употребена валкана бомба?

Не.

Во 1995 година чеченските бунтовници поставија, но не успеаја да детонираат таква бомба во московски парк, според Советот за надворешни односи.

Имаше извештаи дека терористичките организации како Ал Каеда или ИСИС направиле или се обиделе да направат валкана бомба, но ниедна никогаш не е активирана.

Дали нуклеарниот материјал во валкана бомба е смртоносен?
Од американското Министерство за домашна безбедност велат дека е малку веројатно дека валканата бомба би можела да испорача доволно високи дози на радијација „за да предизвика непосредни здравствени ефекти или смрт кај голем број луѓе“.

Одделот за државни здравствени услуги во Тексас објаснува зошто.

За да се направи валкана бомба способна да испорача смртоносни дози на радијација, потребни се големи количини заштита од олово или челик за да се спречи материјалот да ги убие производителите за време на производството.

Но, користењето на таков заштитен материјал би ја направило бомбата гломазна и тешка за движење или распоредување, веројатно барајќи тешка опрема и алатки за далечинско ракување и би ограничило до каде би можела да се шири радијацијата.

Што е со изложеноста на радијација?

Според здравствените служби на Тексас, зрачењето генерирано од валкана бомба би предизвикало слично ниво на изложеност како при правење рендгенски снимки на заби.

„Тоа е како да се скрши камен. Ако некој фрли голем камен на вас, веројатно ќе ве боли и може да ви предизвика физичка повреда“, објаснуваат од одделот. „Ако го земат истиот камен и го раситнат до зрнца песок, а потоа го фрлат песокот врз вас, шансите да ви се предизвика штета се значително помали“.

Превентивните мерки може да бидат толку едноставни како, на пример, оддалечување.

„Оддалечување дури и на кратко растојание од местото на настанот (на експлозијата) може да обезбеди значителна заштита бидејќи стапката на зрачење драстично опаѓа со оддалеченоста од изворот“, велат од министерството.

Луѓето, исто така, треба да ги покријат носот и устата за да избегнат внесување радијација, да влезат во затворени простории за да избегнат облак од прашина, да ја фрлат облеката во пластична кеса и потоа нежно да ја измијат кожата за да ја отстранат контаминацијата.