Како што веќе се зборува по естрадата, една од нашите најголеми музички ѕвезди Тамара Тодевска се разведува од својот сопруг.

Иако за оваа информација се шпекулираше подолго време, тимот на „Убавина и здравје“ ја потврди оваа вест. Имено, дознаваме дека Тамара и Мачка се одлучиле да се разделат, но да останат во добри и коректни односи, пред сѐ штитејќи го интересот на нивните две деца.

Тамара сметала дека е добро децата да одржуваат добра комуникација со својот татко и дека тој е дел од нивните животи.

Нашиот тим стапи во контакт со Тодевска, која во куса изјава ни ја потврди информацијата.

– Да, точно е дека се разделуваме, но апсолутно дека ќе одржуваме редовна комуникација. Ние имаме две деца, и многу е здраво и нормално децата да можат да растат и да поминуваат време и со својот татко. Ова не е ниту прв ниту последен случај. Тоа што за мене искрено е многу важно, тоа се децата, нивните права и интереси да останат заштитени. Јас ја разбирам работата на медиумите и потребата од ексклузивни информации, но во овие моменти најмногу мислам на децата, кои сакам да останат на страна од оваа приказна, особено од медиумски преписки и слично. И Хана и Дарен посетуваат училиште, градинка, веќе не се мали, разбираат и одговорноста на мене и Мачка е голема, пред сѐ да ги заштитиме нив, вели Тодевска.

На прашањето како се носи периодов со обврските, дали ќе паузира со настапите и слично, таа изјави:

Секако дека продолжувам со работа. Учествував на Макфест, периодов ја промовирам мојата нова песна „Замижи“, а работам и на други песни и проекти. Животот продолжува, работата исто така, а мојов не е ниту прв ниту последен случај. Само ќе ги замолам веб-порталите, медиумските работници, кога ќе „трчаат“ по кликови и бомбастични наслови, да имаат чувство на одговорност особено пред децата… Јас сум издржала и позитивен и негативен притисок, ќе го издржам и ова, но децата мора да бидат заштитени, посочува Тамара.