Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска беше во Скопје и Софија. Очекувано, во фокусот му беше блокираната евроинтеграција на Македонија и Албанија поради ветото од Бугарија. Во Скопје рече дека ќе се заложи за старт на преговорите, но по само неколку часа од Софија отворено порача дека Скопје треба да ги исполни бугарските барања, пренесува Алсат телевизија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, при посетата на Скопје, најави дека ќе се заложи Македонија и Албанија на 23 јуни да добијат почеток на преговорите за членство. Според Шолц, „следниот чекор“ веќе треба да се случи и ЕУ мора да си го исполни ветеното. Премиерот Димитар Ковачевски пак, повтори дека земјава има направено сè за тоа и оти повеќе не смее да биде заложник на очекувањата за датум.

„Првата Меѓувладина конференција може веднаш да почне, условите се исполнети… Многу напори се направија Северна Македонија и Албанија сега да ги започнат преговорите, а не да бидат понатаму пролонгирани. Ние ќе се заложиме, за тоа да биде можно“, рече Олаф Шолц – канцелар на Германија.

„… Тоа во моментов зависи, според сè како што гледаме, од само една земја членка на ЕУ, којашто држи две земји кандидатки, Република Северна Македонија и Албанија, како заложници на патот за интеграција“, истакна Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

Веднаш по посетата на Скопје, канцеларот Шолц замина за Софија. Тој истакна дека шанси за напредок има и тоа до крајот на француското евро-претседателство. Од друга страна, бугарскиот премиер Петков ги повтори трите барања на Софија, по што германскиот канцелар се согласи дека Македонија треба да ги исполни.

„Првото нешто е да ги видиме сите можности, преку европскиот процес, да се гарантира влегувањето на Бугарите во Уставот, за да можат да се заштитени правата на Бугарите таму. Истовремено имаме Рамковна позиција и Договор за добрососедство. Секое едно можно решение треба да ги вклучува овие три приоритета на Бугарија и веруваме дека ЕУ може да дадат потенцијални можности да има европски гаранции ова да се случи“ рече Кирил Петков – премиер на Бугарија

„Го поддржувам тоа дека Северна Македонија треба да ги исполни поставените барања и мислам дека Бугарија и Северна Македонија се созреани да тргнат по тој пат. Има заедничко разбирање како се движат нештата и каков треба да е резултатот, но проблемот е како да се стигне до овој резултат“, рече Олаф Шолц – канцелар на Германија

Шолц истакна дека не е лесно да се надминат историските недоразбирања, но порача дека треба да се градат пријателски односи со соседите. Алсат-М