Навивачите, фудбалерите и управата на Јувентус од синоќа се во шок откако Судот при Фудбалската Асоцијација на Италија реши да ја казни „старата дама“ со бришење на огромни 15 бода од освоеното салдо.

Како што утрово јавуваат италијански новинари кои се добро упатени во случувањата, на Јувентус му се заканува и жестока казна од УЕФА, па така веќе се шпекулира дека Европската куќа на фудбалот (УЕФА) ќе ја исфрли „Старата дама“ од сите европски натпреварувања во следните три сезони почнувајќи од наредната.

Шокот за ЈУВЕ не престанува со одземање на 15 бода: Клубот ќе биде исфрлен од сите натпреварувања на УЕФА во следните 3 сезони?!

Јувентус од пред тоа е во лоши односи со УЕФА, откако поранешниот претседател Андреа Ањели јавно се скара со првиот човек на УЕФА Чеферин (инаку Ањели му е кум на Чеферин), поради тоа што торинскиот клуб беше еден од главните иницијатори за формирање на Супер лигата, потег кој ја разбесни УЕФА која уште тогаш најави санкции за „бјанконерите“.

Доколку се остварат најавите Јувентус да биде исфрлен од европските натпреварувања, на клубот му се заканува тешка криза налик на онаа од 2006-та година и заминување на најдобрите фудбалери како што тоа беше тогаш. Засега ваквите информации се во доменот на шпекулациите, но „хајката“ против Јуве очигледно се случува и сосема реално е таквите најави и да се остварат.

Иако обвинителот во случајот бараше казна од девет бода, судот оцени дека престапот направен од страна на управата е премногу сериозен и дека „црно-белите“ ќе морат уште пожестоко да бидат санкционирани. Затоа, Јувентус ќе биде минусиран со дури 15 од освоените бодови, што драстично ќе ги намали шансите на тимот за излез во фудбалска Европа за наредната сезона. Во една таква ситуација, за очекување е Јувентус да продаде некој од клучните фудбалери (најверојатно Душан Влаховиќ) за да го намали финансискиот удар што ќе следи од овој скандал.

Од челниците на клубот, директорот Паратичи беше казнет со забрана за вршење на фудбалска дејност во следните 2,5 години, Ањели нема да може да биде во фудбалот во наредните две години, додека за Павел Недвед оваа санкција е со времетраење од осум месеци.

Сигурно е дека Јувентус ќе испрати официјална жалба до Спортскиот Суд на Олимпискиот Комитет на Италија, но освен мало намалување на санкцијата, тешко е да се очекува поинаков исход со оглед на доказите против „црно-белите“.