Нов Зеланд донесе закон со кој постепено ќе ја укине можноста помладите генерации да пушат цигари, пренесува „Еуроњуз“.

Законот предвидува забрана за купување на цигари од страна на лица родени на или по 1 јануари 2009 година и отсега па натаму минималната возраст за купување цигари ќе продолжи да се зголемува.

Теоретски, некој што ќе се обиде да купи цигари за 50 години од сега ќе треба да покаже лична карта за потврда дека има барем 63 години.

Сепак, здравствените работници се надеваат дека пушењето ќе исчезне многу пред тоа. Според нив, целта е Нов Зеланд да стане држава во која не се пуши до 2025 година.

Нов Зеланд веќе ја забрани продажбата на цигари на лица помали од 18 години, а пакувањето на тутунот задолжително треба да биде со графики кои упатуваат на апели за здравјето и цигарите може да се продаваат само во стандардизирано пакување. Покрај тоа земјата во последните години исто така испорача серија големи зголемувања на даноците за цигари.