Австрија подготвува закон според кој полицијата, покрај возачката дозвола, би им го одземала автомобилот на возачите кои значително ја надминуваат дозволената брзина, соопшти денеска Министерството за транспорт на оваа земја.

Ресорната министерка Леонора Гевеслер рече дека на патиштата има премногу луѓе за кои не функционираат казните.

– На тие лица мора да им се одземе нивното оружје, рече Гевеслер при претставувањето на предлог-законот.

Во предлог-законот стои дека на возачите кои ќе ја надминат дозволената брзина од 60 километри на час во населено место или 70 километри на час надвор од населено место, автомобилот ќе им биде одземен на лице место во период од две недели.

Во тој период треба да се провери дали се работи за возач кој веќе има претходни случаи за брзо возење. Доколку се покаже дека возачот веќе бил казнуван за драстично брзо возење, автомобилот би можел да се продаде на аукција, пренесува Хина.

При надминување на дозволената брзина од 80 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор, автомобилот веднаш би бил одземен и продаден.

Ова би се однесувало на оние возачи кои на автопатот во Австрија, каде што максималната брзина е 130 километри на час, ќе бидат фатени со брзина од 220 километри на час.

Гевеслеро рече дека овие мерки служат за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

– За брзините за кои зборуваме, ниту еден возач веќе нема целосна контрола над својот автомобил – рече таа.

Властите во Австрија годишно забележуваат од 400 до 450 случаи во кои би можел да се примени новиот закон. Законот би можел да стапи на сила кон средината на следната година.