Во селото Никинци кај српската општина Рума, семејството Ранитовиќ покрај најлутата, ја одгледува и најмалата и најскапата пиперка на светот.
„Мајка на сите чили“, како што ја нарекуваат, е пиперка која потекнува од Јужна Америка, никнува и расте бавно, а полн плод добива само на високи температури. Плод со големина од 6 милиметри има максимална тежина од половина грам.
– Најмалата пиперка на светот се вика „аји чарапита“, инаку е и најскапа, на светскиот пазар цената, килограм суви, достигнува и до 20.000 евра. Овде се одгледува лесно, нема проблеми, само што е многу ситна, одзема многу време и многу е заморно да се берат, вели Светлана Глигориќ Ранитовиќ.
Светлана на почетокот купувала семе во странство, а најголемата инвестиција била стаклена градина. Овие растенија се отпорни на болести, не се прскаат со хемикалии, само им треба многу топлина и вода.
– Четири-пет години одгледувам лути пиперки, решив да го сторам тоа затоа што нешто треба да се направи, во Србија ги нема многу, само неколку ги одгледуваат и се многу интересни, секогаш постои таа игра со бојата, формата, пикантноста, можете многу да направите со нив, можете и да заработите. Имам преку 80 различни видови, тоа се растенија од топлите предели, од Бразил, од Мексико, но и тука успеваат – вели Светлана.
Во Срем расте и „каролина рипер“, најлутата пиперка во светот, која има околу два милиони сковили (скала за тоа колку се лути пиперките), 100 пати повеќе од домашните феферони.
Овие плодови се здрави, но само кога се користат во мали количини. Се берат до октомври, а зимата најчесто ја дочекаат во тегли.
Be the first to write a comment.