„Јутарњи лист“ објави видео снимка од надзорната камера од клучката Брезнички Хум, која го „улови“ полскиот автобус кој сообраќал кон Загреб 7 минути пред несреќата.

На видеото не се гледа никакво необично однесување на возачот. Неколку минути подоцна автобусот излетал од автопатот при што загинаа 12 патници.

Според информациите што ги изнесе министерот за здравство Вили Берош на вонредна прес-конференција во Вараждин, 19 лица се тешко повредени, а 13 полесно. Како што беше утврдено, сите жртви се полски државјани.

На местото на настанот излегол заменик жупанскиот правобранител во Вараждин кој во соработка со полициски службеници врши увид. Сообраќајот на делницата од автопатот во правец кон Загреб, од клучката Брезнички Хум до клучката Комин се одвива по една коловозна лента.

Се огласи сопственикот на полскиот автобус

Шефот на транспортната компанија Мегапол им потврдил на уредниците на полскиот портал onet.pl дека автобусот е нивен, а нивното седиште е во градот Плонск во централна Полска.

Локалното радио разговараше со Џеки Антоншкевич, директор на Мегапол, кој не знаеше да одговори на прашањето дали некој од Плонск загинал во несреќата. Антоншкевич тврди дека автобусот бил технички исправен.

– Во шок сум, возачите не се почетници и не верувам дека можеле да заспијат додека возат – рекол тој.

Главниот полски обвинител Збигњев Зиобро започна истрага за несреќата.