Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, за Плусинфо одговорија дека тој нема да дава изјава во врска со аудио снимката што беше објавена синоќа на социјалните мрежи и на неколку македонски медиуми, а на која може да слушне како наводно Џафери со пцости и навреди им се обраќа на некои луѓе.

Плусинфо се обиде да дознае дали гласот што може да се слушне на снимката му припаѓа на Џафери, на кои луѓе им се обраќа и дали ако е тоа неговиот глас ќе даде објаснување за своето однесување во просториите на Собранието на Република Македонија. Сепак, од неговиот кабинет претпладнево категорично ја отфрлија можноста за негова изјава и одговорноста ја префрлаат на тие што не го исклучиле тонот и не го прекинале снимањето по завршувањето на седницата.

Откако беше објавена снимката, прво на социјалните мрежи, а потоа и на неколку портали, единствени со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа оставка од Џафери.

„Фрапирани сме од примитивизмот на Талат Џафери, кој ја извршува должноста претседател на Собранието, кој мислејќи дека камерите се исклучени ги вреѓа и со најпогрдни пцовки малтретира вработените во собранието. Односот на Џафери кој може да се слушне во видео материјал објавен во медиумите е скандалозен, примитивен и целосно недозволив. Ова не смее никогаш повеќе да се повтори. Оваа аудио снимка од која се слуша примитивизмот на Џафери е доказ зошто СДСМ и ДУИ мора да заминат во опозиција и зошто мора да има предвремени парламентарни избори час поскоро“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

На аудио снимката може да се слушнат навредливи и недолични пораки од машки глас.

– Сите од служба, конкретно од седници, веднаш кај мене, сите позади што седат сите до еден, вие што сте на плата и уште си е..те мајка овде. Што бараш бе ти овде, ајде бегај таму, бегај, излези – ова е дел од говорот кој е снимен тајно а потоа објавен на социјалните мрежи од каде го презедоа медиумите.