Неодамна се пишуваше за цените на сладоледот во центарот на Сплит во Хрватска, кои се движеа од 10 до максимални 15 куни (од 80 до 120 денари), што е двојно повеќе од пред седум години.

Многумина во коментарите пишуваа дека ваквите цени се условени од пазарот, поскапувањето на набавките, водата и струјата и високите кирии, нагласувајќи дека „угостителите мора да преживеат“ и предложија на критичарите доколку се осмелат да отворат слаткарница и да го почувствуваат на своја кожа, бидејќи како што велат, во прашање е „крвава работа“.

Слободна Далмација пишува дека во меѓувреме во центарот на Сплит се отворени уште три слаткарници и дека во една од нив ја забележале најскапата топка сладолед досега. Од 13 за мала (105 денари) и 18 куни (околу 150 денари) за голема порција во шолја со разни адитиви.

Што се однесува до обичните топки, и таму е поставен нов рекорд. Тоа е е словенечката франшиза Aroma на врвот на улицата Босанска, каде што ќе платите 16 куни (130 денари) за нивното освежително задоволство направено без глутен, вештачки ароми и засилувачи на вкус.

– Свесни сме дека нашите цени не се за домашните потрошувачи. Но, што да правиме, туристите се спремни тоа да го искешираат – објаснува продавачката на новинарите на Слободна Далмација.