Гувернерот на Калининград се изнасмеа на предлогот од поранешниот полски министер за одбрана кој предложи оваа руска ексклава да биде демилитаризирана и преименувана.

Гувернерот Антон Алиханов за локалните медиуми изјави дека предлогот на Ромуалд Шеремјетиев покажува дека полските политичари не се разбираат од геополитика и го обвини дека се натпреварува во русофобија со полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

„Тие го прошируваат НАТО, а ние треба да се демилитаризираме? Мислам дека нешто не е во ред со начинот на кој Полјаците размислуваат“, рече гувернерот Алиханов.

Шеремјетиев, кој важи за конзервативен политичар кој кратко време во 90-тите беше министер за одбрана на Полска и подоцна парламентарец, претходно зборувајќи за полските медиуми ја дискутираше можноста Финска и Шведска да се приклучат во НАТО и реакцијата на официјална Москва по тоа прашање, а воедно го покрена и прашањето за иднината на Калининград.

„Треба да побараме Калининград да не се именува повеќе во чест на криминалецот Калинин, кој е коодговорен за Катинскиот масакр“, рече полскиот политичар.

Катинскиот масакр била масовна егзекуција на околу 22 илјади Полјаци, повеќето од нив војници заробени од советските сили во 1939 година по наредба на Јосип Сталин. Градот Калининград и областа околу него се именувани по советскиот офицер Михаил Калинин, кој вршел неколку важни позиции со болшевичката и советската влада. Бил член на Политбирото и на Комунистичката партија, извршното тело кое во март 1940 година ја издало наредбата за егзекуција на полските воени затвореници. Многу советски документи кои сведочат за злоделото беа декласифицирани по распадот на СССР.

Освен да се преименува Калининград, Шеремјетиев бара и руската војска да се повлече од целата ексклава. Калининградската област се наоѓа на балтичкиот брег помеѓу НАТО членките Полска и Литванија и нема копнена врска со Русија, но служи како клучно воено упориште за Москва.

„Регионот мора да се демилитаризира бидејќи НАТО не може да седи на буре барут ставено меѓу неговите нозе“, рече Шеремјетиев.

Русија го смета НАТО за непријателска воена организација која им служи на интересите на САД. Таа предупреди дека ќе одговори на очекуваниот пристап на Шведска и Финска со прилагодување на нејзината воена положба. Калининград е домаќин на значајни руски сили, со тактички проектили земја-земја со дострел до јужните делови на Шведска.

Калининград има површина од 15.100 km² на која живеат речиси 1 милион жители од кои 86,4% се Руси, а од останатите најмногу се Украинци и Белоруси, потоа Литванци, Ерменци, Германци и Татари. Има мал број на Полјаци. Најголем град со 450 илјади жители е Калининград, а останатите се со под 50 илјади.