Почина британската кралица Елизабета Втора, на 96-годишна возраст, јави Би Би Си. Таа беше британски монарх кој најдолго владееше на тронот, цели 70 години.

Кралското семејство објави на официјалните профили на социјалните мрежи дека кралицата починала мирно во замокот Балморал во Шкотска.

Наследникот на тронот, синот Чарлс кој сега е крал, со придружничката вечерва ќе остане во замокот, а утре се враќа во Лондон.

Кралицата дојде на тронот во 1952 година и беше сведок на огромни општествени промени. Со нејзината смрт, нејзиниот најстар син Чарлс, поранешниот принц од Велс, ќе ја води земјата во жалост како нов крал и шеф на државата за 14 кралства на Комонвелтот.

Во соопштението, Бакингемската палата рече: „Кралицата почина мирно во Балморал попладнево“. „Кралот и кралицата ќе останат во Балморал оваа вечер и утре ќе се вратат во Лондон“.