Објавено од ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА МЕЃАШИ

Ин мемориам

Денеска страшно не потресе веста за ненадејната смрт на Борче Стојановски – Џеронимо, нашиот волонтер. Сѐ уште не можеме да веруваме дека тоа е вистина. Немаме зборови со кои би ја искажале нашата тага. Тој е еден од првите волонтери на Детската амбасада Меѓаши.

Нашиот драг Џеронимо, многу ќе ни недостасува. Чиста душа, добронамерна, на сите сакаше да им направи добро, да им го разубави животот. Беше посветен волонтер на Детската амбасада Меѓаши, со целото негово срце. Имаше многубројни и големи идеи за Меѓаши. Впрочем секоја средба со Џеро беше една голема идеја за Меѓаши. Ќе го немаше со месеци кога ете ќе поминеше да не посети во канцелариите и велеше дека не сака да ни одзема време, само да не види и да ни каже нешто што е важно за организацијата или што смета дека треба да направиме. Имаше осмислено и детска друштвена игра, сакаше да ја види произведена и тоа го дочека. Џеро беше на свој начин посебен. Имаше сопствена техника на сликање, беше познат и како собирач на кибрити.

За 30 годишнината на Детската амбасада Меѓаши направи голема слика и ни ја подари. Ја работеше 4 месеци, линија по линија, кога беше слободен, дневно највеќе 45 мин. до еден час, оти, како што знаеше да каже ,,потоа се губи концентрација а и да не ги замарам очите”. Сликата ја започна точно пред една година. Велеше: само да изброиш гласно до 30 трае а не 30 години.

Пред неколку месеци ни рече дека ако има интерес од децата би сакал пак да води детска работилница но сега таа да биде за цртање со фломастери…Порано Џеро, пред повеќе од 20 години, водеше детски работилници на тема „Допишување со непознато другарче“. Целта на овие работилници беше создавање и негување на другарства и пријателства на класичен, но убав начин. Доследноста и посветеноста на волонтерството се покажа и со неговата активност во неколку проекти, како на пр. „Акција за граѓанство преку театар“ во кои беа вклучени 60 деца од 3 мултиетнички училишта како и нивните родители. Подготовките за истиот се одвиваа во текот на целото лето, а нивното прикажување односно промоција се случуваше наесен.

Во периодот од 1999-2000 година Џеро беше вклучен во акцијата на Меѓаши ,,Патување во Град”, каде што деца од социјално загрозени семејства имаа можност за посети и дружби во период од десет дена на: базен, кино, пикник, зоолошка градина и слично.

Особено карактеристично за него е што беше на некој начин колекционер, освен кибрити, тој имаше албуми со фотографии од неговите волонтерски активности и од сите оние личности кои што му се драги, а пред се волонтерите/ките со кои во Меѓаши се дружеше. Имаше и телефонски броеви од сите нив.

За 20 годишнината Џеро доби Статуетка како знак на благодарност за неговата посветеност, додека оваа година по повод јубилејот 30 години Детска амбасада Меѓаши му ја подаривме Монографијата 30 години Прва детска амбасада во светот Меѓаши – 30 години поправеден свет за децата, во која се наоѓа и неговото интервју.

Споменот за Џеро ќе остане во нашите срца и во срцата на многу волонтер(к)и на Меѓаши засекогаш. Впрочем и фотографиите кои ги најдовме од архивата поврзана со волонтирањето и ангажманот на Џеро зборуваат за еден долготраен, 28 годишен волонтерски ангажман и посветеност на Меѓаши.

Џеро беше едно големо дете со чиста душа и веројатно оттука доаѓаше и нераскинливата поврзаност со Меѓаши сиве овие години. Таа душа ќе ни фали многу.

Почивај во мир.

Длабоко сочувство до неговото семејство.