Државјанин на Северна Македонија е спасен, а по две лица се трага во Посиди на првиот крак на Халкидики, откако тројцата влегле во морето, но веројатно биле повлечени од струите и брановите, поради лошото време, јави дописничката на МИА од Атина.
Не постои официјална потврда дали и исчезнатите две лица се македонски државјани. Сепак грчкиот весник Прототема објави дека трите лица биле од Македонија.
Од Крајбрежната служба на Грција за дописничката на МИА од Атина потврдуваат дека спасениот е од Северна Македонија, станува збор за 25-годишно момче и е во добра здравствена состојба, додека пак спасувачката акција што е во тек за пронаоѓање на двајцата исчезнати, чиј идентитет и националност не се познати, е во услови со силен ветер од пет до шест бофор.
Во спасувачка акција на плажата Мити во Посиди според локалните медиуми учествуваат брод на крајбрежната служба, еден рибарски чамец и хеликоптер на военото воздухопловство.
Двајцата исчезнати се на возраст од 29 и 30 години
Според информации на Прототема, станува збор за група млади скопјани кои го посетиле Халкидики на одмор. Како што изјави за protothema.gr градоначалничката на Касандра, Анастасија Чалкиа, двајцата исчезнати се на возраст од 29 и 30 години.
– Се чини дека се се случило кога групата од три лица, отишла да плива на многу опасен дел од плажата, во момент кога дувал многу силен ветер и како резултат на тоа биле однесен од брановите. Местото е премногу опасно за тоа и локалното население никогаш не оди таму. Имаше многу бранови и ветер и во тој момент се спојуваат струите на двете мориња и тоа е многу опасно. Бранот ги зафати. Еден од групата беше пронајден со помош на сурфер кој влегол во морето да го бара и го држел додека бродот на крајбрежната стража не го зел, рече Чалкиа, нагласувајќи дека штом ќе падне темнината ќе биде многу тешко да се продолжи со потрагата.
Be the first to write a comment.