Откако го убил тричленото семејство Мартиновиќ, меѓу кои две деца на 11 и осум години и нивната мајка (медицинска сестра), Вук Бориловиќ, татко на три деца упаднал во куќата на неговиот сосед Дрецун.

Веднаш ги убил Данијела и Димитрије Дрецун, а на прагот од куќата и нивниот син Рајко (56). Тешко ги ранил внукот, односно синот на несреќното семејство, Александар Дрецун (32). Рајко бил убиен кога истрчал кон куќата на своите родители откако го слушнал пукањето.

Бориловиќ не го поштедил ниту својот вујко Горан Ѓуришиќ (54), а потоа ги убил соседите Милан Митровиќ (37) и Александра (52), како и Данијела Радуновиќ (51), со што го заокружил смртонисниот биланс од 10 лица.

Потоа ранил уште четворица соседи – Славиша Звичер, Филип Ѓурковиќ, Милева Рамадановиќ и Даринка Челебиќ, како и полицаецот Љубиша Максимовиќ кој се обидувал да го запре.

Засега „не е јасно“ што го натерало 34-годишниот маж на таков „гнасен чин“. Истрагата е во тек и надлежните ги утврдуваат мотивите за убиството и начинот на којшто настапила смртта на напаѓачот.

Обвинителката Андријана Настиќ претходно изврши увид и соопшти дека постои сомневање дека напаѓачот бил убиен од сограѓанин. Настиќ не даде повеќе детали.

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, на новинарите во Цетиње им рече дека полицијата нема информации дека се предал маж кој, како што се сомнева, го убил напаѓачот. „Се вршат интензивни активности и во тек е расветлувањето на она што се случувало. Не очекувајте преуранети информации, затоа што ситуацијата е компликувана“, изјави Аџиќ.