Во Власотинце брутално е убиена Саманта Вучковиќ (31), а за ова дело е осомниченo момчето на Саманта Дејан Р., државјанин на Северна Македонија, кој веднаш по злосторството побегнал од Србија и по него интензивно се трага, јавуваат српските медиуми.

Телото на несреќната Саманта било пронајдено на почетокот од април покриено со ќебе. Убавата Саманта, како што уште ја нарекуваат, повеќе од една година живеела во станот во кој била убиена, заедно со своето момче.

Соседите на покојната Саманта ѝ рекле на полицијата дека не ги виделе неа и нејзиното момче најмалку седум дена и дека се сомневале дека толку долго била мртва. Саманта, како што велат, пред неколку години се преселила во Власотинце.

– Таа е родена на ова место, но се омажи и отиде во село и таму живееше неколку години. Но, таа се разведе од сопругот и се врати во Власотинце. Таа живеела со своето момче во стан сместен во куќата на главната улица – додал изворот.

Полицијата била и во лесковачкото село Доња Стопања, во домот каде претходно била мажена младата жена и каде со поранешниот сопруг оставила две мали деца.

Токму поранешниот сопруг на Саманта рекол дека нешто чудно се случило седум дена пред да биде пронајдено нејзиното тело, но дека тогаш не сфатил дека е можно нешто да ѝ се случило на Саманта.

– Се разведовме пред две години затоа што ме изневери со еден од моите другари од селото. Отиде во Власотинце и таму повторно се омажи. Оттогаш, според договорот со Центарот за социјална работа, секој петок ги носев децата кај неа, а таа ги враќаше. Така беше и на 25 март. Ги однесов децата, но Дејан ме чекаше пред зградата и рече дека децата во моментот не можат да останат со нив, и дека тој ќе ми ја уплати алиментацијата – изјавил нејзиниот поранешен сопруг Марјан В. за белградските медиуми.

Според него, децата неколку пати се обиделе да стапат во контакт со неа, но безуспешно.

– Моите синови ми рекоа дека мајка им не им се јавув преку пораки, повици, или Вибер. Им кажав дека е зафатена и да ја остават, дека ќе се јави, ни на крај памет не ми паѓаше што се случило, наведува тој.

Поранешниот сопруг на Саманта наведува дека за хоророт дознал кога полицијата упаднала во неговата куќа.

– Дојдов доцна од работа во вторникот навечер и си легнав. Одеднаш, полицијата упадна во нашата куќа. Ме прашаа за моето име. Децата беа исплашени. Ги замолив да ми кажат што се случува и потоа полицаец ми кажа дека мојата поранешна сопруга е пронајдена мртва – вели Марјан.

Испратено барање за Македонија да го преземе кривичното гонење

-До Вишото јавно обвинителство Лесковац е поднесена кривична пријава против Д.Р., државјанин на Република Северна Македонија, поради сомнение дека свирепо ја убил Вучковиќ Саманта и на тој начин сторил кривично дело тешко убиство, а кој во моментот на поднесување на кривичната пријава не бил на територијата на Република Србија – изјавија за Курир во Вишото јавно обвинителство во Лесковац.

– Имајќи предвид дека се работи за странски државјанин, а постапувајќи согласно Законот за меѓународна правна помош во кривичната материја и Договорот меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, испратено е барање до Министерството за правда на Република Северна Македонија да го преземе кривичното гонење, велат од ова обвинителство.

Како што пишуваа претходно медиумите, полицијата дошла во куќата во која живеела Саманта со судски лекар кој не можел да ја каже причината за смртта.

-Девојката била покриена со ќебе, а околу неа имало траги од крв. Наредена е обдукција која покажала дека Саманта била жртва на злосторство – изјави тогаш извор за српските медиуми.