Србија ја потресе трагична сообраќајна несреќа во која загина 51-годишниот Саша Костадиновиќ, самохран татко на три сина.

Тој починал вчера околу 7 часот во центарот на Баточина пред својата куќа додека одел на работа. На него налетал автомобил, а од силината на ударот починал на лице место.

31-годишен возач го прегазил со автомобил. Како што пишуваат српските медиуми, тој се враќал дома од трета смена во фабрика и возел уморен.

Според мештаните, Костадиновиќ сам се грижел за своите три сина и бил посветен татко по ненадејната смрт на мајката на момчињата. Како агроном работел во Центарот за ситни житарки во Крагуевац.

Откако дознале за несреќата, жителите на Баточина не можат да ја задржат тагата и шокот. Поради смртта на самохраниот татко, општина Баточина реагирала и одлучиле да ги преземат трошоците за погребот.

„На денешната итно закажана седница на Советот на општината донесена е одлука врз основа на која општина Баточина ќе ги сноси сите трошоци за погребот на нашиот сограѓанин Саша Костадиновиќ (51), самохран татко на три сина“. Одлучено е и општина Баточина да им плаќа 80.000 динари месечно на синовите.

„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на загинатиот Саша и ги повикуваме сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни за да се избегнат вакви трагедии“, стои во соопштението на општинските власти.

Неговите колеги со неверување ја примија веста за ненадејната смрт на Саша.

„Тој беше пред сѐ прекрасен човек, добар татко и добар експерт во својата работа. Се грижеше за синовите по загубата на сопругата. Ова е голема трагедија за сите нас, немаме зборови за тагата што ги снајде неговите синови“, раскажа плачејќи една од колешките на Саша.

Да биде уште потрагично, според српските медиуми, претходно во сообраќајна несреќа загинала и сестрата на Костадиновиќ.

Неговата сопруга ненадејно починала пред неколку години, па тој останал сам со своите три сина.