Стотици нови пријави од граѓани добиле новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) по објавата на епизодата „Нечиста крв“ во рамки на серијалот „Редакција“, која се однесува на злоупотреба на методот на хемофилтрација од страна на кликата Жан Митрев за време на ковид-19 пандемијата. Како што за Мета.мк вели Сашка Цветковска, основач и одговорен уредник на ИРЛ, тие се благодарни што граѓаните се охрабрија да се вклучат во разоткривање на нечесните пракси кои со години директно ги загрозуваат човечките животи.
Главното дејство на оваа епизода се одвива околу сведочењето на семејството Брезеви чиј член починал во приватната клиника откако му биле администирани повеќе хемофилтрации, а добил и повеќе интрахоспитални бактериски инфекции кои влијаеле на влошување на неговата состојба.
„Добивме повеќе од 150 нови пријави од граѓани кои имале исто или слично искуство како семејството Брезеви. Пријавите од граѓани се однесуваат и на лекувања и третмани во други приватни и државни болници, а не само на болницата на Жан Митрев“, вели Цветковска.
Таа истакна дека почнувајќи од денес а и наредниов период тимот на ИРЛ ќе биде фокусиран да ги исконтактира сите граѓани кои се обратиле до редакцијата, додавајќи дека ИРЛ е составена од мал тим на новинари и секоја помош од колегите од други медиуми е добредојдена.
„Ние немаме моќ освен нашите зборови и работа, ние не сме МВР и обвинтелство, но очекуваме надлежните институции да ги заштитат луѓето и конечно некој да се позанимава со луѓето во институциите кои секојдневно ги гледаат и ги премолчуваат овие злосторства врз животот и здравјето на граѓаните“, рече Цветковска.
Истражувањето „Нечиста крв“ се базира на 24 пријави на граѓани од Северна Македонија и Косово според кои пациентите се користеле како „експериментални заморчиња“ а притоа им се наплаќале и голем суми на пари без да се известат дека се дел од медицинска студија.
Be the first to write a comment.