Петар Младеновски или Пеце од „Суперхикс“ веќе 30 години со бендот се на музичката сцена. Несуден професор по руски јазик и книжевност, скопјанец од Капиштец, верен навивач на Работнички и Вардар. Неодамна беше дел од музичките концерти во чест на Јонче Христовски.

„Битолскиот концерт помина подобро од скопските, оти битолчани имаат традиција да одат на музички настани. Мене лично ми беше чест да пејам песни од Јонче“, вели Пеце за Репортер. Со бендот подготвуваат голем концерт за 30 години кариера, за зад нив се преку 200 концерти, настапи, музика, анегдоти.

Пеце неодамна се соочи со немила ситуација откако неколку штитеници од домот за деца без родители, со шлаканици го удираа неговиот син додека играл баскет.

„За жал никој не се грижи ни тие деца, а моето дете имаше траума неколку дена, но тоа што Никола сфати дека не може никој ништо да направи со сè ова е попоразителен факт од шлаканиците“, искрен е Пеце.

Во брак е со актерката Елизабета веќе 15 години. На шега вели: „Ако нема компромис еве гледаш сè живо се разведе. Јас сум инаетчија, па потешко попуштам во кавга. А, кога веќе ме праша како се венчавме, еве ќе ти кажам: ’Јас дојдов од настап од Нови Сад и директно во матично во Ѓорче, тоа беше 2008, па едно матично руинирано и тогаш, а сега“, раскажува Пеце за љубовта со актерката Елизабета Клинчаревска-Младеновска.

Најболната тема за која зборуваме е неговиот брат, уметник, кој почина пред 16 години. Лани Пеце му посвети песна, за која вели дека едвај ја испеал. За тагата и болката со која се соочувале и тој и неговите родители, Пеце низ емоции зборуваше во Репортер.

За приватниот живот, за децата, љубовта и бракот, болните мигови и загубата, за студиите по руски, за Скопје ова денес и она неговото, и се она што е Суперхикс за овие 30 години гледајте го интервјуто.