Институт за Јавно Здравје (ИЈЗ) утрово соопшти дека кај еден пациент е детектиран новиот подсој на омикрон познат како „кракен“.

-Кај еден примерок, од вкупно 32, е детектирана XBB.1.5 омикрон сублинијата позната како Кракен. Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, a примерокот е земен на 11.01.2023 година, соопшти ИЗЈ.

ИЗЈ додава дека 32 примерока се позитивни на SARS-CoV-2, а селектираните примероци биле од месеците декември 2022 година и јануари 2023 година.

-Кај 8 примероци е детектирана BA.2 сублинијата на Омикрон сојот. Кај останатите 23 SARS-CoV-2 примероци е детектирана ВА.5 сублинијата на Омикрон, додава Институтот.

НАЈЗАРАЗЕН СОЈ

Според податоците од Светската здравствена организација „кракен“ е најзаразната подваријанта на коронавирус досега, а првичните информации укажуваат дека предизвикува блага клиничка слика.

Симптомите се речиси идентични со грип и настинка и вклучуваат кивавица, слабост, главоболка, зголемен секрет, болки во коските и замор. И покрај благата клиничка слика, Светската здравствена организација предупреди дека состојбата на заразените со „кракен“ во поодминати денови се комплицира и речиси на сите им е неопходна хоспитализација.

Лекарите препорачуваат лицата кои имаат симптоми на коронавирус да се самоизолираат на пет дена, а останатите да носат маски на места на кои има метеж и покрај тоа што маските се уште се задолжителни само во автобус, во аптека и во болница.

Петличковски: Нема простор за загриженост

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски во врска со сојот кракен, во четвртокот изјави дека сите податоци што досега ги имаат укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем.

Тој тврди дека нема простор за загриженост помеѓу граѓаните.

Според д-р Петличковски, епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум – осум недели.

И во Србија не се очекуваат драматични ситуации

Епидемиологот Зоран Радовановиќ оцени дека „кракенот“ ќе стане доминантен во Србија во наредните недели, особено во февруари. Радовановиќ предупреди дека бројот на заразени од „кракен“ се удвојува за осум дена, па оттука и проценките за „пикот“ во февруари.

Тој нагласи дека „не очекуваат драматични ситуации“ бидејќи речиси сите граѓани се или вакцинирани или се опоравиле од Ковид.

Радовановиќ истакна дека „кракенот“ не предизвикува потешка клиничка слика, дури и кај оние кои се најосетливи, но дека постои ризикот од инфекција.

Оние кои примиле бивалентна вакцина можат да бидат „релативно мирни“, рече Радовановиќ.